Ali Murat Alhas
19 Април 2020•Ажурирај: 21 Април 2020
АНКАРА (АА) - Десетици стручни училишта во Турција ги здружија силите и започнаа со производство на основните артикли потребни во борбата против пандемијата на новиот вид коронавирус, така станувајќи едни од најважните актери во земјата во екот на епидемијата која продолжува да се шири и да зема животи, пишува Агенција Анадолија (АА).
Во статијата напишана од турскиот заменик-министер за образование, Махмут Озер, објавена вчера, се истакнува улогата на турските стручни училишта во епидемијата и нивното мобилизирање на сите капацитети за задоволување на потребите на општеството и за поддршка на здравствените работници.
„Стручното образование и обука се од клучно значење за благосостојбата на Турција во ова време на пандемијата на коронавирусот. Со зголемен капацитет во производството, стручните училишта станаа едни од главните снабдувачи на општеството деновиве“, се истакнува во статијата.
Потенцирајќи дека медицинските маски станаа најпотребното парче опрема од почетокот на пандемијата, заменик-министерот нагласи дека над десетина училишта произвеле милион маски за краток временски период, за сега да достигнат капацитет од 10 милиони маски месечно, вклучително и N95-маските (маски-респиратори со филтри) изработени според стандардите.
Озер истакна дека средните училишта го насочиле својот фокус и кон производство на средства за хигиена, средства за чистење и дезинфекција, како и дека училиштата имаат капацитет да ги задоволат сите потреби од средства за чистење за речиси 54.000 училишта низ целата земја.
Со оглед на фактот дека предметите за еднократна употреба сега се потребни повеќе од кога било како резултат на Ковид-19, болеста предизвикана од коронавирусот, стручните училишта во Турција се обезбедени со потребната опрема за нивно производство. Тие можат да произведат и производи како наметки и комбинезони за еднократна употреба, особено за здравствените работници, како и виљушки и ножеви за еднократна употреба.
Со помош на 3Д-принтери, училиштата исто така вршат масовно производство на штитници за лице (визири), до половина милион од нив месечно.
Понатаму, во статијата се вели дека инженерите конструирале уред за автоматско производство на десетици илјади хируршки маски дневно, и дека тие уреди ќе се дистрибуираат во стручните училишта со цел да се интензивира производството на маски.
Нагласувајќи дека N95-маските не се толку достапни, во статијата се вели дека турското Министерство за образование започнало активности за изработка на машина за производство на вакви маски.
„[N] 95-маските се или многу малку во количина или не се достапни. За таа цел, Министерството за национално образование започна со истражување и развој за производство на машини за оваа намена. Процесот на развој продолжува успешно и првата машина се очекува да биде готова во април 2020 година“, истакна Озер.
„Стручното образование и обука станаа важен извор во производството на најбараните производи во време на кризата“, се вели во статијата и се додава дека овие напори, проследени со вештините на учениците и наставниците од стручните училишта, имаат потенцијал да ги задоволат потребите на општеството.
Турција досега има над 82.000 потврдени случаи на коронавирусот Ковид-19, а бројот на починати порасна на 1.890, додека целосно излекувани од болеста се речиси 10.500 лица. Турција спроведе речиси 600.000 тестови за вирусот.
Како дел од мерките за борба против коронавирусот во Турција, училиштата се затворени, но образованието продолжува преку настава на далечина.
Новиот вид коронавирус за првпат се појави во Кина изминатиот декември, а се прошири во речиси 200 земји и региони. САД и Европа досега се најтешко погодени.
Досега пандемијата во светот зеде над 160.000 животи, заразени се над 2,3 милиони луѓе, додека повеќе од 600.000 се излекувани, покажуваат податоците на американскиот Универзитет „Џонс Хопкинс“.