Faruk Zorlu
17 Јуни 2020•Ажурирај: 18 Јуни 2020
АНКАРА (АА) - Флуктуациите во бројот на дијагностицирани случаи на Ковид-19 во Турција се во рамките на очекуваниот опсег, изјави турскиот министер за здравство, Фахретин Коџа, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Без изненадувања, ние сме во рамките на очекуваниот опсег [на флуктуации]. Дали ќе излеземе надвор од нив, зависи од вас“, изјави Коџа, мислејќи на граѓаните, на прес-конференцијата по видеоконференцискиот состанок на Научниот одбор за коронавирусот.
Коџа истакна дека иако Турција ги олабавува рестриктивните мерки за вирусот, граѓаните мора да продолжат со примената на мерките како носењето заштитни маски и одржувањето социјална дистанца со цел да се спречи ново распламтување на вирусот.
„Вкупниот број на регистрирани случаи на коронавирусот во Турција се искачи на 182.727, а во последните 24 часа 1.429 лица се тестирани позитивни на вирусот“, рече Коџа.
Тој потенцираше дека Турција е на 51. место во светот според бројот на случаи по глава на жител, со 2.151 потвден случај на коронавирусот на 1 милион жители.
„Во текот на изминатите 24 часа од Ковид-19 во земјата починаа 19 лица, со што бројот на смртни случаи од вирусот во Турција достигна 4.861, а земјата, глобално, е на 47. место според стапката на смртност од коронавирусот, со 57 смртни случаи на 1 милион жители“, соопшти турскиот министер за здравство.
Тој додаде дека во изминатите 24 часа регистрирани се 1.261 излекуван од Ковид-19, додека од почетокот на епидемијата во Турција од вирусот оздравеле вкупно 154.640 лица.