Ekip
10 Ноември 2021•Ажурирај: 11 Ноември 2021
ОВИЕДО
Шпанскиот национален институт за статистика соопшти дека вистинскиот број на смртни случаи како последица на Ковид-19 во 2020 година во Шпанија е многу поголем од службените податоци на Министерството за здравство, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Осврнувајќи се на изводите од матичните книги на умрени, статистичката агенција открила дека 60.358 луѓе починале како последица од заразата со вирусот по позитивните тестови, а се сомневаат дека починале уште 14.481 лице.
Освен тие 74.839 смртни случаи, лекарите наведоа дека 8.275 луѓе не починале директно од Ковид-19, но дека вирусот имал придонес во нивната смрт.
Овие бројки се во спротивност со податоците од шпанското Министерство за здравство.
Министерството во 2020 година пријави вкупно 50.837 смртни случаи како последица на Ковид-19.
Министерството ја регистрирало само смртта на пациентите кои биле позитивни на коронавирусот.
Но Шпанија, која беше една од најпогодените земји со пандемијата, имаше ограничувања кога станува збор за тестирањето.
Од февруари до мај 2020 година Министерството за здравство регистрираше околу 29.000 смртни случаи од Ковид-19.
Во меѓувреме, точната бројка била повеќе од 46.000 смртни случаи, според податоците на Агенцијата за статистика.
Во студијата се разгледани сите причини за смртта во 2020 година и откриено е дека Ковид-19 бил многу поголема причина за смртност во минатата година. Болестите на срцето се втора водечка причина за смрт, предизвикувајќи нешто помалку од 30.000 смртни случаи.
Сѐ на сѐ, 2020 година беше најсмртоносната година во демократската историја на Шпанија.
Меѓутоа, Шпанија сега се истакнува по тоа што има една од највисоките стапки на вакцинација во Европа и најниска стапка на инфекции, 89 проценти на луѓе постари од 12 години се целосно имунизирани.