Faruk Zorlu
22 Април 2020•Ажурирај: 23 Април 2020
АНКАРА (АА) - Организацијата за исламска соработка (OIC) одржа вонреден состанок на кој се разговараше за мерките во борбата против пандемијата на коронавирусот Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (АА).
На иницијатива на Турција, вонредниот состанок на Извршниот комитет на Организацијата на ниво на министрите за надворешни работи се одржа преку видеоконференциска врска.
„Нашите земји членки се повикани да ги здружат силите, да ја зајакнат солидарноста и соработката и да ја интензивираат меѓусебната координација во борбата против Ковид-19“, истакна преку соопштение генералниот секретар на Организацијата за исламска соработка (OIC), Јосеф бин Ахмад ал-Усејмин.
Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, истакна дека на состанокот станало збор „за заедничките чекори што треба да се преземат за ефикасна борба против оваа пандемија.“
Нагласувајќи ја важноста на координацијата и заедничките напори, министерот за надворешни работи на Бангладеш, АК Абдул Момен, рече: „ОИК се обврза за зајакнување на координирањето на националните, регионалните и меѓународните напори за изготвување стратегии за ограничувања, како и за зајакнување на капацитетот на здравствениот и медицинскиот персонал со цел да се запре ширењето на Ковид-19.“
Основана во 1969 година, Организацијата за исламска соработка (OIC) е блок кој го сочинуваат 57 муслимански земји членки. Таа е колективен глас на муслиманскиот свет и работи на чување и заштита на интересите на муслиманскиот свет во духот на промовирање на меѓународниот мир и хармонија.
Од коронавирусот Ковид-19, кој за првпат се појави во Кина кон крајот на минатата година, починаа илјадници, а заразени се милиони луѓе во речиси 200 земји во светот.
Милијарди луѓе низ целиот свет почитуваат одреден вид на ограничувања со цел да се забави ширењето на вирусот.