Bayram Altuğ
13 Мај 2020•Ажурирај: 14 Мај 2020
ЖЕНЕВА (АА) - Директорот на програмата за итни случаи на Светската здравствена организација (СЗО), Мајк Рајан, предупреди дека новиот вид коронавирус, Ковид-19, може да остане постојан како ХИВ и да биде ендемичен во општествата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Рајан одговараше на новинарски прашања на прес-конференцијата на генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, во седиштето на оваа организација во Женева, Швајцарија.
Наведувајќи дека во многу земји во светот се преземени чекори за олабавување на мерките кон враќање во нормален живот, Рајан рече дека патот за контрола на епидемијата е многу долг.
- „Нашата најголема надеж е многу ефикасна вакцина“ -
Одговарајќи на прашањето во врска со студиите за вакцина за коронавирусот, Рајан рече: „Мислам дека треба да се знае дека овој вирус може да остане ендемичен во нашите општества. Овој вирус може да не исчезне.“
„ХИВ не исчезна и се навикнавме на условите“, нагласи Рајан, додавајќи дека за ХИВ вирусот се откриени методи за третман и превентива, така што луѓето не се плашат од ХИВ како порано.
„На луѓето со ХИВ им нудиме долг и здрав живот, но јас не ги споредувам овие две болести. Мислам дека е важно да бидеме реални, никој не може да предвиди кога оваа болест (Ковид-19) може да исчезне“, потенцираше Рајан.
Тој истакна дека Ковид-19 треба во значителна мера да се стави под контрола за да се намали ризикот, како и дека најголемата надеж за тоа е да се открие многу ефикасна вакцина, од која светот може да има подеднаква корист.