Dmitri Chirciu
14 Ноември 2020•Ажурирај: 15 Ноември 2020
МОСКВА
Во последните 24 часа во Русија детектирани се 22.702 нови случаи на новиот тип коронавирус (Ковид-19), што претставува највисоко ниво на заразеност на дневно ниво од почетокот на пандемијата, известува Агенција Анадолија (АА).
Центарот за контрола и превенција на инфекциите со коронавирусот во Русија соопшти дека во последните 24 часа забележени се 391 смртен случај од последиците на заразеност со Ковид-19, вкупно 32.834 од почетокот на пандемијата. Во истиот период оздравеа 18.626 лица, зголемувајќи ја вкупната бројка на оздравени на 1.425.529.
Во последното деноноќие 22.702 лица биле позитивни на коронавирусот, односно вкупно 1.903.253 од почетокот на пандемијата.
На ниво на целата земја, кај 25,2 отсто од лицата кај кои е детектиран коронавирусот не е забележан никаков симптом, а процентот на раст кај бројот на заразени на дневно ниво изнесува 1,2 отсто.
Во последните 24 часа во Москва, бројот на заразени е поголем за 6.427 и изнесува 503.943. Во исто време, потврдени се 69 смртни случаи, вкупно 7.712.
Службата за јавно здравје и заштита на потрошувачите соопшти дека во изминатите 24 часа биле направени 601.000 тестови, вкупно 67,9 милиони досега.
- Започнаа летови од Русија до Етиопија и Сејшелите
Од друга страна, Владата на Русија донесе одлука за повторно започнување на реципрочните летови меѓу Русија и Етиопија и Сејшелите.
Освен тоа, Русија го зголеми бројот на летови со Казахстан, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Куба и Малдиви.
Првиот случај на инфекција со коронавирусот во Русија е потврден на 31 јануари, а првиот смртен случај на 19 март.
На 12 ноември беа регистрирани 439 смртни случаи предизвикани од Ковид-19, што е „највисока бројка на починати во еден ден“ досега во Русија.
Во Русија на сила стапи обврската за задолжително носење маски на јавни места, во возилата за јавен превоз, такси-возилата и во лифтовите, како дел од мерките преземени против Ковид-19. Во целата земја, освен во Москва, во периодот од 23:00 до 6:00 часот забранета е работата на центрите за забава, рестораните, ноќните клубови и кафулињата.