Ahmet Dursun
21 Март 2020•Ажурирај: 22 Март 2020
ТЕХЕРАН (AA) – Претседателот на Иран, Хасан Рохани, претседаваше со денешната седница на Советот за борба против ширењето на коронавирусот во оваа земја, а потоа ги соопшти новите мерки, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Моменталната цел ни е да го запреме прогресивниот раст на бројот на заразените и починатите во земјата. Сакаме да ги намалиме големите турканици во болниците. За пациентите кои не се потешко загрозени, најдоброто место е домот, а не болницата“, порача Рохани.
Рохани рече дека иранските власти планираат за две седмици да почне наставата во училиштата која претходно прекина и започна да се изведува во онлајн формат.
„Правиме сѐ за да го одржиме економскиот систем и да ги спречиме обидите на нападите на групите кои се против револуционерната власт. Сите во Иран мораат да ги почитуваат наредбите и препораките на Министерството за здравство, а иранските безбедносни сили задолжени се за спроведување на тие мерки во сите провинции“, рече Рохани.
Иранскиот претседател рече дека ниту една провинција во таа земја не е ставена во карантин, но дека народот мора одговорно да се однесува и да се придржува до изречените мерки.
Во Иран се затворени трговските центри, а Рохани рече дека таа одлука не се однесува на продавниците со храна и аптеките. Најави големи попусти за луѓето кои ќе купуваат преку интернет, а сѐ со цел да се намалат турканиците во градовите.
Коронавирусот кон крајот на минатата година се појави во кинескиот град Вухан. Потенцијално смртоносниот вирус бргу се прошири во повеќето земји, а Светската здравствена организација (СЗО) прогласни глобална пандемија Ковид-19.
Според податоците од специјализираната интернет-страница „Worldometer“, од коронавирусот досега во светот се заразени вкупно 278.557 лица, а од последиците на заразувањето починаа најмалку 11.554 лица.
Излекувани се 92.906 заболени лица, а моментално на лекување се 174.097 заразени, меѓу кои 7.918 лица се во тешка состојба.
Со епидемијата најтешко се погодени Италија, со 4.032 смртни случаи, потоа Кина со 3.255 починати и Иран во кој од последиците на заразувањето починаа 1.556 луѓе.