Ekipa
06 Јули 2020•Ажурирај: 08 Јули 2020
КАРАЧИ (АА) - Советникот за здравство на премиерот, Зафар Мирза, кој ја врши функцијата министер за здравство на Пакистан, е позитивен на вирусот Ковид-19, придружувајќи се на долгиот список на пратеници и политичари кои неодамна се заразија со вирусот, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Позитивен сум на Ковид-19. По совет на доктор се изолирав дома и ги презедов сите мерки на претпазливост“, истакна Мирза, кој беше во првите редови во битката против коронавиусот во земјата.
„Имам благи симптоми. Колеги, продолжете со добрата работа! Јас сум горд на вас“, додаде тој.
Неодамна, со вирусот се заразија поранешните премиери, Шахид Хакан Абаси и Сајед Јусаф Раза Гилани, министерот за надворешни работи Шах Махмуд Курејши, главниот опозициски лидер Шехбаз Шариф и голем број министри, пратеници и политичари. Многумина од нив, вклучувајќи ги и двајцата поранешни премиери, и опозицискиот лидер оздравеа.
- Состојбата со коронавирусот во Пакистан -
Со регистрирани 3.344 нови случаи во текот на изминатите 24 часа, билансот на заразени со коронавирусот во Пакистан достигна 231.818, од кои 131.649 пациенти се излекуваа.
Во последното деноноќие починаа уште 50 лица, со што бројот на смртни случаи достигна 4.762.
Во моментов, Исламабад ја следи стратегијата на „паметна изолација“, односно карантинско затворање на голем број жаришта во околу 20 големи градови за да се намали ширењето на вирусот.
Според официјалната статистика, Пакистан досега спровел 1.420.623 тестирања за вирусот низ целата земја.