Corey Blackman
01 Мај 2021•Ажурирај: 02 Мај 2021
ЊУ ДЕЛХИ (АА) - Индија денес регистрираше 401.993 случаи на заразени со Ковид-19, покажуваат податоците на индиското Министерство за здравство, што е нова рекордна бројка, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерството соопшти дека вкупниот број на случаи на Ковид-19 надминал 19 милиони, додека бројот на починати достигнал 211.853, вклучувајќи 3.523 смртни случаи во последното деноноќие.
Индија во изминатите девет дена додаде уште над 300.000 заразени на дневно ниво во својата статистика, почнувајќи од 22 април, доведувајќи го здравствениот систем до неговиот лимит и предизвикувајќи акутен недостиг на болнички кревети, кислород и лекови, како што е Ремдесевир.
Според бројките, во главниот град на Индија, Њу Делхи, кој има голем недостиг на кислород во болниците, доцна синоќа пријавени се повеќе од 27.000 новозаразени.
Паралелно со зголемениот број на случаи, бројот на починати на дневно ниво, исто така, нагло се зголеми, а според тоа и притисокот врз крематориумите и погребалните претпријатија.
Среде борбата против вирусот, пристигна и странска медицинска помош. Во последните неколку дена, голем број земји, меѓу кои и САД, испратија медицинска помош.
Додека владините претставници тврдат дека во наредните денови ќе добијат постројки за производство на кислород и концентратори на кислород, морнарицата испрати воени бродови за да донесат медицински кислород од странство.
Од денес започнува третата фаза од вакцинацијата што ќе им овозможи на жителите на возраст од над 18 години да се вакцинираат.
Индискиот премиер Нарендра Моди, кој се соочува со огромни критики заради неуспехот во справувањето со вториот бран, најавува повеќе чекори за справување со ситуацијата.