Bakir Tiro
24 Март 2020•Ажурирај: 25 Март 2020
САРАЕВО (АА) - БАКИР ТИРО - Светската фудбалска асоцијација (ФИФА) и Светската здравствена организација (СЗО) започнаа заедничка кампања во борбата против коронавирусот, јавува Агенција Анадолија (AA).
Кампањата, чии презентери се светски познати фудбалери и фудбалерки, е започната со цел да се подигне свеста на луѓето во целиот свет да следат пет клучни чекори за запирање на ширењето на болеста.
- „Пренеси ја пораката, исфрли го коронавирусот“ -
Кампањата се води под слоганот „Пренеси ја пораката, исфрли го коронавирусот“ и промовира пет клучни чекори што луѓето треба да ги прават за да го заштитат своето здравје во согласност со упатствата на СЗО, фокусирани кон миењето раце, начинот на кашлање, недопирање на лицето, физичката дистанца и седењето дома.
„ФИФА и нејзиниот претседател Џани Инфантино активно се вклучени во пренесувањето на пораката против оваа пандемија уште од самиот почеток“, рече генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, за време на виртуелното претставување на кампањата во седиштето на СЗО во Женева, Швајцарија, додавајќи:
„ФИФА, освен преку кампањите, помага и финансиски во борбата против коронавирусот. Драго ми е што светскиот фудбал ја поддржува СЗО во справувањето со коронавирусот. Не се сомневам дека заедно ќе победиме.“
- Тимска работа -
Инфантино истакна дека за борба против коронавирусот потребна е тимска работа.
„ФИФА се здружи со СЗО затоа што здравјето е на прво место. Ја повикувам фудбалската заедница во целиот светот да ни се придружи во поддршката на оваа кампања за да ја пренесеме пораката уште повеќе. Некои од најголемите играчи одиграа прекрасна игра учествувајќи во кампањата, и се обединети во желбата да ја пренесат пораката за истребување на коронавирусот“, рече Инфантино.
- Кампања на 13 јазици -
Во видеокампањата објавена на 13 јазици учествуваат 28 познати фудбалери и фудбалерки.
Тоа се: Сами Ал Џабер (Јужна Африка), Алисон Бекер (Бразил), Емре Белозоглу (Турција), Џаред Боргети (Мексико), Џанлуиџи Буфон (Италија), Икер Касиљас (Шпанија), Сунил Четри (Индија), Јури Џоркаеф (Франција), Хан Дуан (Кина), Самуел Ето (Камерун), Радамел Фалкао (Колумбија), Лора Жорж (Франција), Валери Карпин (Русија), Мирослав Клосе (Германија), Филип Лам (Германија), Гери Линекер ( Англија), Карли Лојд (САД), Лионел Меси (Аргентина), Мидо (Египет), Мајкл Овен (Англија), Парк Џи-Сунг (Јужна Кореја), Карлес Пујол (Шпанија), Селија Шашиќ (Германија), Асако Такакура (Јапонија), Јаја Туре (Брегот на Слонова Коска), Хуан Себастијан Верон (Аргентина), Сун Вен (Кина) и Чави Ернандез (Шпанија).