Tufan Aktaş
24 Март 2020•Ажурирај: 26 Март 2020
ИСТАНБУЛ (АА) - Премиерот на Етиопија, Абиј Ахмед, ги повика земјите од Г-20 да ги избришат долговите и да дадат итна буџетска поддршка за земјите од Африка поради новиот вид коронавирус, Ковид-19, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во писмената изјава, Ахмед на развиените земји, со кои се очекува да се сретне во наредните недели, им предложи три точки за да може Африка да се соочи со предизвикот.
Нагласувајќи дека африканските земји, како резултат на епидемијата претрпеле економска загуба во областа на трговијата и туризмот, Ахмед побара околу 150 милијарди долари од Светската банка за итни медицински трошоци и буџетска поддршка.
Изјавувајќи дека Светската здравствена организација (СЗО) треба да биде поддржана со цел да ја зајакне својата работа во Африка, Ахмед поради вонредната состојба побара да не се зема камата од јавните долгови на африканските земји и да се избришат дел од долговите на некои земји кои имаат ниски приходи.
На континентот, поради епидемијата, во голем број земји е прогласен полициски час. Случаите со коронавирус низ Африка се приближија до бројката од 1.700.