Riyaz Khaliq
13 Октомври 2020•Ажурирај: 14 Октомври 2020
АНКАРА (АА) - Кина ги следи луѓето кои неодамна го посетиле кинескиот источен град Чингдао, продолжувајќи со масовното тестирање за присуството на новиот коронавирус во подрачјето, соопштија денес локалните медиуми, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Речиси 225.000 луѓе што патувале за Чингдао од 23 септември од другите градови во покраината Шандонг се пронајдени и тестирани за Ковид-19“, како што јави весникот „Глобал тајмс“.
Сепак, сите тестови за нуклеинската киселина кај оние што се следат се негативни.
Кина вчера започна со итно масовно тестирање за присуството на коронавирусот во источниот пристаништен град.
Тестирањето на над 9-милионскиот град се очекува да заврши во среда во пет дистрикти.
Од утринава, не се пронајдени новозаразени откако здравствените власти тестираа три милиони луѓе. Од трите милиони тестирања, досега добиените резултати на над 1,1 милион лица се негативни.
Кинеската Национална здравствена комисија соопшти дека денес се регистрирани 13 нови „увезени“ случаи на коронавирусот. Кина има пријавено вкупно 3.036 случаи на „увезени“ инфекции.
Од избувнувањето на вирусот во декември минатата година во градот Вухан во покраината Хубеи, Кина потврди 85.591 случај на вирусот и 4.634 смртни случаи.
Речиси 80.729 пациенти се излекуваа и се отпуштени од болниците.
„Сè уште има 228 потврдени случаи [еден случај во тешка состојба] и 7 сомнителни случаи“, соопшти кинеската Здравствена комисија.