Ahmet Gürhan Kartal
05 Мај 2020•Ажурирај: 07 Мај 2020
ЛОНДОН (АА) - Во Велика Британија денес започнува тестирањето на апликацијата што ќе ги следи контактите направени на поединците кои се позитивни на коронавирусот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Здравствените работници и вработените во Советот на островот Вајт денес ќе започнат со тестирање на апликацијата што ја претстави британската Влада, а населението на островот ќе може да ја спушти апликацијата кон крајот на неделата.
„Апликацијата за следење на направените контакти ќе биде достапна низ целата земја за неколку недели доколку нејзиното тестирање се покаже успешно“, истакна секретарот за здравство, Мет Хенкок, на вчерашниот брифинг.
Тој ги повика сите жители на островот Вајт - остров во близина на јужниот брег на Велика Британија - да ја спуштат новата апликација.
„Преку спуштањето на апликацијата го заштитувате сопственото здравје, го заштитувате здравјето на вашите најблиски и здравјето на вашата заедница“, рече Хенкок.
„Каде што ќе се движи островот Вајт, Велика Британија ќе го следи.“
„Дел од новата програма за тестирање, откривање и следење, апликацијата ќе работи заедно со унапредениот сервис за пронаоѓање контакти и тестирање на брисеви на оние со потенцијални симптоми на Ковид-19, со цел да помогне во минимизирањето на ширењето на Ковид-19“, се вели во соопштението на Владата.
Апликацијата ќе „детектира други корисници на апликации со кои лицето имало почест контакт во текот на изминатите неколку дена, вклучително и непознати контакти, како на пример некој до кој можеби седеле во јавниот превоз“, кога некој ќе пријави симптоми преку неа.
Таа „анонимно ќе ги предупредува овие контакти и ќе им дава совети“, се додава.
По Италија, Велика Британија има втор најголем број смртни случаи од пандемијата на коронавирусот во Европа, со речиси 29.000 починати.
Во моментов во земјата има над 190.000 позитивни на вирусот, а на дневно ниво се дијагностицираат околу 4.000 позитивни на Ковид-19.