Riyaz Khaliq
14 Мај 2020•Ажурирај: 15 Мај 2020
АНКАРА
Кина може да воведе санкции врз американски ентитети и државни службеници како одговор на судските постапки започнати против Пекинг во врска со пандемијата на Ковид-19, јавуваат локалните медиуми, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според локалниот дневен весник „Глобал тајмс“ (Global Times), најмалку четворица американски законодавци и двајца американски ентитети ќе бидат ставени на листата на санкции на Кина.
„Кина е крајно незадоволна од започнувањето судски постапки од страна на САД против Кина во врска со пандемијата на Ковид-19 и размислува да воведе казнени контрамерки против американски лица, ентитети и државни службеници..., кои поднеле тужби против Кина за да побараат отштета од пандемијата на Ковид-19“, стои во извештајот на дневниот весник од Пекинг, цитирајќи извори запознаени со ова прашање.
Досега се поднесени шест тужби против Пекинг во американските федерални судови, при што државата Мисури е прва што ја тужеше кинеската Влада.
„Генералниот правобранител на Мисури, Ерик Шмит, може да биде еден од американските официјални лица што ќе се соочи со санкции“, се вели во извештајот.
Соединетите Американски Држави (САД) упатуваа повици за испитување на потеклото на вирусот и се здобија со поддршка од Австралија, што предизвика остри реакции во Пекинг.
Американскиот државен секретар Мајк Помпео исто така неодамна тврдеше дека коронавирусот потекнува од лабораторија во Вухан.
Кина во понеделникот се спротивстави на постојаните барања за истрага велејќи дека секој обид да се фрли дамка на земјата без доказ е неморален.
„Лагите се лаги, без разлика колкупати се повторуваат. Ги повикуваме американските политичари да престанат со трикови и да го спасат своето лице“, рече портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Џао Лиѓиан.