Zuhal Demirci
22 Декември 2021•Ажурирај: 23 Декември 2021
ЛОНДОН
Студија во Велика Британија покажа дека вродениот имунолошки одговор на децата е подобар во борбата против Ковид-19, а тоа откритие ќе помогне да се објасни зошто децата имаат помала веројатност да се разболат сериозно од Ковид-19, за разлика од возрасните, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Истражувачите од Универзитетскиот колеџ во Лондон (UCL) и болниците поврзани со Универзитетот обработуваа примероци од дишните патишта и крв од 19 деца и 18 возрасни пациенти со Ковид-19 со симптоми кои се движат од асимптоматски па сѐ до тешки случаи.
Исто така, истражувачите собраа и примероци од крв на 41 здраво дете.
Оваа студија ја истражуваше инфекцијата со Ковид-19 во повеќе органи кај возрасни и деца.
Истражувачите заклучија дека посилниот вроден имунолошки одговор во дишните патишта на децата, кој се карактеризира со брзо распоредување на интерферони, помага порано да се ограничи вирусната репликација.
Студијата, исто така покажа дека поради побавниот имунолошки одговор кај возрасните во споредба со децата, вирусот има способност да ги нападне другите делови од телото каде што инфекцијата е потешко да се контролира.
Спротивно на тоа, истражувачите откриле дека иако имунолошкиот систем на возрасните има и вроден одговор, тој е поактивен кај децата и дава побрз имунолошки одговор на инфекцијата во дишните патишта.
- „Имунолошкиот систем на децата може подобро да одговори на новите закани“
Првиот автор на студијата, д-р Масахиро Јошида, во својата оценка на истражувањето, рече дека вродениот имунолошки систем на децата е пофлексибилен и може подобро да одговори на новите закани.
„Она што го гледаме на молекуларно ниво е високото ниво на интерферон и многу брз имунолошки одговор кај децата. Тоа помага да се објасни зошто децата се помалку погодени од Ковид-19 од возрасните“, рече Јошида.
- „Вродениот имунитет на децата е посилен“
Д-р Марко Николиќ, еден од авторите на студијата, додаде: „Нашата студија, покрај тоа што покажува дека децата првично реагираат подобро, открива и дека цитотоксичниот одговор е помалку силен ако вирусот влезе во крвта.“
Д-р Керстин Мајер од Институтот „Велком Санџер“, во однос на истражувањето рече:
„Едноставно кажано, вродениот имунолошки одговор е подобар во борбата против Ковид-19, а вродениот имунитет на децата е посилен. Но, имунитетот, исто така, е како комплексен балет кој вклучува многу видови клетки. Времето и типовите на активираните клетки ќе влијаат на тоа како ќе се развива инфекцијата и ова, освен поради возраста, ќе се разликува помеѓу поединци и поради различни други причини.“