Ekipa
29 Октомври 2020•Ажурирај: 29 Октомври 2020
ЊУ ДЕЛХИ (АА) - Бројот на заразени со коронавирусот Ковид-19 во Индија денеска надмина 8 милиони, откако во последните 24 часа се регистрирани повеќе од 49.000 нови случаи, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за здравство објави дека се регистрирани нови 49.881 заразен, со што вкупниот број на досега заразени од вирусот достигна 8.040.203.
Бројот на починати од вирусот изнесува 120.527, вклучително и новите 517 починати во изминатите 24 часа.
Над 7,3 милиони пациенти се излекувани од вирусот, 56.480 во последните 24 часа, со што стапката на оздравување достигна 90,99 отсто. Вкупниот број на активни случаи во земјата моментално е 603.687.
На почетокот на овој месец, во Индија беше забележан постојан пад на бројот на заразени, а Владата соопшти дека земјата го поминала врвот на вирусот минатиот месец.
Растот на случаи се случува два дена откако земјата го пријави најмалиот број случаи на дневна основа (36.370) од месец јули.
Според податоците на Министерството за здравство, пет индиски држави, вклучително и главниот град Њу Делхи, сочинуваат скоро 50 отсто од новите случаи.
Министерот за здравство, Харш Вардан, рече дека се прават огромни напори за развој на вакцина и нејзина рамномерна дистрибуција.
„Од девет кандидати за вакцини на светско ниво, кои се во понапредна фаза на клиничкото испитување, три се од Индија. Од државите беше побарано да изготват списоци со луѓе кои приоритетно треба да бидат имунизирани“, рече тој.
Вирусот Ковид-19 од минатиот декември во светот зеде повеќе од 1,17 милиони животи во 190 земји и региони.
САД, Индија и Бразил во моментот се најтешко погодени земји во светот.