Şerife Çetin
02 Јули 2020•Ажурирај: 02 Јули 2020
БРИСЕЛ
Белгискиот министер за надворешни работи и одбрана, Филип Гофин, изјави дека надворешните граници на таа земја ќе бидат затворени до 7 јули, иако Европската Унија (ЕУ) предложи укинување на ограничувањата на патувањата за 14 земји од 1 јули, јавува Агенција Анадолија (АА).
Европската Унија објави дека повторно ќе ги отвори своите граници за патниците од 14 земји, меѓутоа, Гофин рече дека Белгија ги прифаќа препораките на ЕУ, но дека границите ќе се отворат откако ќе бидат извршени потребните подготовки.
Укажувајќи дека релевантните експерти и официјални лица започнале со работа на тоа како внимателно „да се отворат“ надворешните граници на земјата и како Белгијците да патуваат во тие 14 земји, Гофин рече дека тој подготвителен процес ќе трае до 7 јули.
Патниците од големите земји, како што се САД, Русија, Бразил и Индија, поради ширењето на новиот тип коронавирус (Ковид-19), уште најмалку 14 дена нема да можат да влезат во ЕУ и во четири земји кои се вклучени во Шенгенскиот безвизем режим.
На граѓаните на следните земји дозволен им е влез во 27 земји членки на ЕУ и во четири земји на Шенген: Алжир, Австралија, Канада, Грузија, Јапонија, Црна Гора, Мароко, Нов Зеланд, Руанда, Србија, Јужна Кореја, Тајланд, Тунис и Уругвај.
Европската Унија соопшти дека за Кина е донесена одлука за реципроцитет. Тоа значи дека Кина мора да ги укине сите ограничувања за европските граѓани кои влегуваат во Кина пред на кинеските граѓани да им биде дозволен влез во ЕУ.
Од земјите кои се сметаат за безбедни се очекува да ги укинат забраните кои би можеле да ги имаат кон европските патници.