Şenhan Bolelli
13 Март 2020•Ажурирај: 16 Март 2020
МАДРИД
Продолжува забрзаниот пораст на бројот на заболени од новиот тип коронавирус Ковид-19 во Шпанија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за здравство и одделенијата за здравство на автономните влади информираа дека бројот на починати од новиот тип коронавирус изнесува 120, додека вирусот е детектиран кај приближно 4.200 лица.
Епидемијата на вирусот Ковид-19 во Шпанија најшироко е распространета во подрачјето на автономниот регион Мадрид. Во ова подрачје бројот на починати изнесува 58, додека над 2.000 лица се заразени од овој вирус.
Се дознава дека локалната и централната власт размислуваат да го стават под карантин подрачјето на автономната администрација на Мадрид.
Во меѓувреме, во Каталонија, која е трета по големина автономна област во Шпанија, регистрирани се повеќе од 300 случаи на заразени со Ковид-19. Четири општини на градот Барселона, кој се наоѓа во оваа област, се ставени во карантин како превентива од експанзија на новиот тип коронавирус.
Забранет е влезот и излезот од овие населени места во кои живеат приближно 70.000 лица. Во ова подрачје во кое е дозволена само дистрибуција на храна, донесено е полициско засилување.
Градоначалникот на Барселона, Ада Колау, упати апел до населението: „Немојте да одите во кафулиња и ресторани.“
Во северниот дел од Шпанија, во подрачјето на Баскија досега се регистрирани 11 смртни случаи, а 350 лица се заразени од Ковид-19, додека администрацијата на оваа автономна област прогласи „вонредна здравствена состојба“. Областа Баскија започна средби со цел презакажување на локалните општи избори закажани за 5 април.
Шпанскиот печат објави дека според експертите, експанзијата на заразените со новиот тип коронавирус во Шпанија се случува побргу отколку во Италија.
Премиерот на Шпанија, Педро Санчез, како превенција од проширувањето на Ковид-19 започна да ги води состаноците преку видеоконференциска врска.
На ниво на цела Шпанија, покрај училиштата и универзитетите, затворени се јавните места, како што се музеите, театрите и социјалните центри.
Шпанците, покажувајќи ја својата загриженост од експанзијата на коронавирусот, со цел да не излегуваат на улица, продолжуваат да ги полнат супермаркетите со цел набавка на млеко, макарони, ориз, грав, грашок, тоалетна хартија и смрзната храна, испразнувајќи ги рафтовите.
Поради ситуацијата со Ковид-19, Шпанија донесе одлука за забрана на влез во земјата на државјаните од 62 земји.