Övünç Kutlu
09 Ноември 2020•Ажурирај: 11 Ноември 2020
АНКАРА (АА) - Американскиот производител на лекови „Фајзер“ (Pfizer) и германската биотехнолошка компанија „БајоНТек“ (BioNTech) денес објавија дека нивниот кандидат за вакцина против Ковид-19 е ефикасен повеќе од 90 отсто, јавува Агенција Анадолија (АА).
Фармацевтските компании соопштија дека нивниот кандидат за вакцина се докажал како ефикасен против Ковид-19 кај примателите на вакцината кои немале претходно присуство на вирусот.
Во истражувањето учествуваа 43.538 учесници, а анализирани биле 94 потврдени случаи на Ковид-19, без да се забележат сериозни проблеми во однос на безбедноста на вакцината.
Компаниите соопштија дека ќе го достават кандидатот за вакцината до Управата за храна и лекови на САД за одобрување за употреба во итни случаи, што се очекува да се случи во третата недела од овој месец.
„Случајот поделен меѓу вакцинираните лица и оние што примија плацебо, укажува на стапка на ефикасност на вакцината над 90 отсто, на 7 дена по втората доза“, се истакнува во соопштението.
„Ова значи дека заштитата се постигнува 28 дена по започнувањето на вакцинацијата, што се состои од распоред од 2 дози“, се додава.
Во моментов има над 170 кандидати за вакцини против Ковид-19 низ целиот свет, следени од Светската здравствена организација, додека ниту една сè уште не е одобрена за општа употреба.
Во светот во моментот има речиси 50,5 милиони случаи на Ковид-19 и над 1,2 милиони смртни случаи од последиците на вирусот, според податоците на американскиот Универзитет „Џон Хопкинс“.