Ekipa
08 Јуни 2021•Ажурирај: 09 Јуни 2021
ЊУ ДЕЛХИ (АА) - Во Индија денес се регистрирани помалку од 100.000 нови случаи на коронавирусот, што е најмал дневен број во повеќе од два месеца, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Во Индија детектирани се помалку од 1 лак [100.000] дневни нови случаи по 63 дена“, се вели во соопштението на индиското Министерство за здравство, во кое се додава дека во изминатите 24 часа се пријавени 86.498 нови случаи на вирусот.
Вкупниот број на заразени во земјата достигна 28,9 милиони, вклучувајќи ги и новорегистрираните 86.498 случаи во изминатото деноноќие.
Министерството истакна дека дневниот број на починати од Ковид-19 во земјата се намалил на 2.123, додека вкупниот биланс на смртни случаи изнесува 351.309.
Додека Индија забележа експоненцијален раст на случаите минатиот месец, со дневен број дури и над 400.000, бројот на заразени започна да се намалува.
Властите во многу региони започнаа со олеснување на ограничувањата во фази.
Програмата за вакцинација на земјата е во тек, а премиерот Нарендра Моди вчера објави дека Владата ќе обезбеди бесплатни вакцини против Ковид-19 за индиските сојузни држави за инокулација на лицата на возраст од 18 до 44 години од 21 јуни.
Според официјалната статистика, досега во Индија администрирани се над 230 милиони дози вакцини.