Tevfik Durul
05 Ноември 2020•Ажурирај: 06 Ноември 2020
АТИНА (АА) - Во Грција, поради зголемениот број на заразени со Ковид-19, по вторпат е прогласен карантин низ земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис најави тридневна блокада во целата земја почнувајќи од саботата, велејќи дека порастот на случаите на Ковид-19 мора да запре пред здравствениот систем на земјата да дојде под неподнослив притисок.
Како што изјави тој, градинките и основните училишта ќе останат отворени за време на карантинот кој ќе трае до 30 ноември. Меѓутоа, потврди дека средните училишта и универзитети ќе одржуваат онлајн настава.
Жителите ќе можат да ги напуштат своите домови само од одредени причини, како што се работата, медицински прегледи или вежбање, и откако за тоа ќе ги известат властите.
Малопродажните продавници ќе бидат затворени, но не и супермаркетите и продавниците за храна. Рестораните ќе работат само со достава.
Мицотакис изјави дека уште еднаш одлучил да преземе драстични мерки пред да биде доцна, откако видел агресивен пораст на случаите во последните пет дена.
Во многу градови, вклучувајќи го главниот град Атина, како и Солун, моментално се применува полициски час, а рестораните и кафулињата имаат само достава.
Во Грција вчера беа регистрирани 2.646 новозаразени, што е најголем број од почетокот на пандемијата. Вкупно се регистрирани 46.892 лица позитивни на Ковид-19. Од последиците на вирусот починаа 673 лица.