Erbil Başay
20 Август 2021•Ажурирај: 23 Август 2021
БЕРЛИН (АА) - Во извештајот на Институтот „Роберт Кох“ (RKI), кој спроведува студии од областа на заразни болести во Германија и ја известува Владата, се наведува дека јасно се гледа почетокот на четвртиот бран на епидемијата со зголемување на случаите на Ковид-19, особено кај младата возрасна популација, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во извештајот објавен од Институтот се истакнува дека трендот на намалување на неделниот број случаи од крајот на април до крајот на јуни не продолжил од почетокот на јули и дека бројот на нови случаи се зголемува од почетокот на јули.
Се наведува дека бројот на нови случаи се зголемил многу порано и побрзо отколку минатата година.
Меѓу другото, се додава дека е зголемена и стапката на оние кои се позитивни на ПЦР-тестовите. Се наведува дека стапката на позитивни тестови е зголемена на 4 проценти од 2 до 8 август и на 6 проценти од 9 до 15 август.
Во извештајот се наведува дека младите возрасни групи се најпогодени од инфекции и позитивните стапки на тестови се високи во овие возрасни групи.
„Зголемувањето на инфекциите, особено кај младата возрасна популација, јасно укажува на почетокот на четвртиот бран“, се нагласува во извештајот.
Исто така, се посочува дека повеќето инфекции во Германија и други европски земји се предизвикани од загрижувачки варијанти. Варијантата Делта е откриена во 99 проценти од новите случаи на Ковид-19 испитани во земјата.
„Сите вакцини што моментално се достапни во Германија обезбедуваат ефикасна заштита од болеста“, се вели во извештајот.
- Во последните 24 часа вирусот е детектиран кај над 9.000 лица -
Институтот „Роберт Кох“ соопшти дека Ковид-19 е откриен кај 9.280 луѓе во последните 24 часа, со што вкупниот број на случаи се зголеми на 3.853.055.
Во Германија во последните 24 часа животот го загубија 13 лица, вкупната загуба на живот се зголеми на 91.956.
Во кампањата за вакцинација, 63,7 проценти од населението ја прими првата доза на Ковид-19, а 58,2 проценти втората доза.