Ayhan Şimşek
17 Април 2020•Ажурирај: 17 Април 2020
БЕРЛИН
Бројот на починати од Ковид-19 во Германија денеска надмина бројка од 4.000, а вкупниот број на заразени изнесува речиси 140.000 лица, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во текот на изминатите 24 часа се регистрирани најмалку 289 нови смртни случаи, при што вкупната бројка на починати изнесува 4.093, според податоците од фирмата за анализирање на податоци „Рисклаер“ и Технолошкиот институт „Карлсруе“, кои собираат податоци навремено од речиси 400 локални власти.
Со новите потврдени 3.382 нови случаи во текот на изминатите 24 часа, вкупниот број на заразени лица од вирусот во земјата се искачи на 138.135.
Германската агенција за контрола на болести, Институтот „Роберт Кох“, објави дека досега од вирусот се излекувале речиси 82.000 пациенти.
Иако последните податоци покажуваат дека стапката на заразување се намалува, дневниот број на смртни случаи остана висок.
Денес е трет ден по ред во кој бројот на смртни случаи е над 280 лица.
Германија е петта земја по бројот на потврдени случаи на заразување со Ковид-19, а пред неа се наоѓаат САД, Шпанија, Италија и Франција. Сепак, бројката на починати е многу помала во однос на другите тешко погодени земји.
Освен масовното тестирање на Ковид-19, Германија значајно го зголеми капацитетот на кревети во одделите за интензивна нега во болниците, од 28.000 на речиси 40.000. Од вчера, болниците во земјата имаат над 11.300 слободни кревети на интензивна нега за пациентите заразени со вирусот.
Владата на канцеларката Ангела Меркел и сојузние држави во средата се согласија да ги продолжат рестриктивните мерки до 3 мај за да се спречи ширењето на коронавируот, со одредено олеснување за малите продавници и продавниците со простори помали од 800 метри квадратни. Рестораните и кафулињата ќе останат затворени до понатамошно известување.
Вирусот Ковид-19 најпрвин се појави во Вухан, Кина, во декември 2019 година и досега се рашири во 200 земји низ светот, пренасочувајќи го епицентарот кон Европа и САД.
Во светот се регистрирани над 2,2 милиони потврдени случаи на вирусот, а бројот на смртни случаи во светот е речиси 146.000. Речиси 550.000 пациенти се излекувани.