Ayhan Şimşek
20 Октомври 2021•Ажурирај: 21 Октомври 2021
БЕРЛИН (АА) - Германија во средата за првпат од месец мај пријавила повеќе од 17.000 случаи на коронавирусот, а се предупредува на можен пораст на бројката на случаи во текот на зимата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според податоците на Институтот „Роберт Кох“, потврдени се 17.015 нови случаи на коронавирусот во последните 24 часа, додека претходно на дневно ниво биле регистрирани 6.771 нов случај.
Во однос на минатата недела, за 22 проценти е зголемен неделниот просек на нови случаи.
Регистрирани се 92 смртни случаи и 711 нови случаи на хоспитализација.
Институтот предупреди дека бројката на новозаразени и хоспитализирани веројатно ќе се зголеми во наредните недели, доколку стапката на вакцинација не се покачи.
„Може да се очекува повторен пораст на бројката на случаи во есен и зима, бидејќи голем број луѓе сѐ уште не се вакцинирани“, соопштија од Институтот.
Досега 57,3 милиони луѓе во Германија или 68,9 проценти од населението примиле барем една доза од вакцината против коронавирусот, додека 54,8 милиони или 65,9 проценти се целосно вакцинирани.
Целта на Владата на Германија беше до крајот на годината да бидат вакцинирани најмалку 70 проценти од населението.