Burak Bir
12 Февруари 2021•Ажурирај: 13 Февруари 2021
АНКАРА (АА) - Повеќе од 3,5 милиони граѓани на Турција ја примија вакцината против Ковид-19, потврди турскиот министер за здравство Фахретин Коџа, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Коџа на Твитер напиша дека денес започнала вакцинацијата на лицата постари од 65 години.
Турските власти кампањата на масовна вакцинација против Ковид-19 ја започнаа на 14 јануари, започнувајќи од здравствените работници, а им се придружија и највисоките официјални претставници на земјата.
Од декември, во Турција, со цел борба против ширењето на коронавирусот, на сила е и полицискиот час во вечерните часови во текот на работната недела, а цел ден во текот на викендите.
Во Турција се потврдени 27.187 смртни случаи поврзани со Ковид-19, додека од болеста се излекуваа над 2,45 милиони луѓе, покажуваат последните податоци. Заразени се повеќе од 2,5 милиони луѓе.
Ковид-19, кој кон крајот на 2019 година се појави во кинескиот град Вухан, однесе повеќе од 2,37 милиони животи во 192 земји и региони ширум регионот.
Заразени се над 107,8 милиони, додека досега оздравеа повеќе од 60,39 милиони луѓе, покажуваат податоците на американскиот Универзитет „Џонс Хопкинс“.
Земјите со најмногу случаи на Ковид-19 се САД, Индија и Бразил.