Ahmet Gençtürk
20 Јануари 2021•Ажурирај: 21 Јануари 2021
АНКАРА (АА) - Бројот на лица во Турција што ја примија првата доза на вакцината против новиот коронавирус Ковид-19 денес надмина 1 милион, јавува Агенција Анадолија (АА).
Една недела од почетокот на кампањата за масовна вакцинација во Турција, што се спроведува со вакцината „КоронаВак“ купена од кинеската компанија „СиноВак“, имунизацијата во земјата се одвива непречено.
Турските медицински експерти нагласија дека напредокот и во квантитетот и во квалитетот на здравствените установи во последните децении има големо влијание врз способноста на земјата во борбата против епидемијата на коронавирусот, како и во спроведувањето масовна вакцинација.
Улогата на градските болници отворени низ 81 област во Турција е особено значајна, со капацитет да опслужуваат десетици илјади пациенти дневно.
Турската инфраструктура на контролирана температура, потребна за складирање на вакцините, исто така, одигра клучна улога во брзата и ефикасна вакцинација, која доби глобално признание.
За Агенција Анадолија, Мустафа Илхан, виш научник од полето на медицината од Универзитетот „Гази“ во главниот град Анкара, нагласи дека Турција историски е успешна во спроведувањето на масовни вакцинации за искоренување на болести како што се детската парализа, тетанусот, хепатитисот и варичелата.
„Оваа практика, во комбинација со здравствената инфраструктура, ја издигна Турција меѓу првите 10 држави во светот кога станува збор за вакцинацијата“, истакна тој.