свет, Коронавирус

Во Северна Кореја регистрирани првите смртни случаи од Ковид-19

Севернокорејскиот лидер ги критикувал надлежните затоа што не можат да ја спречат епидемијата

Büşra Selvi Öğütcen  | 13.05.2022 - Обновена : 13.05.2022
Во Северна Кореја регистрирани првите смртни случаи од Ковид-19

СЕУЛ (АА) - Во Северна Кореја соопштени се првите смртни случаи поврзани со вирусот од почетокот на епидемијата на Ковид-19, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Според веста на официјалната Корејска централна новинска агенција КЦНА (KCNA), во Северна Кореја, каде што вчера беше откриен првиот случај на Ковид-19, од вирусот починале 6 лица.

Кај едно од шесте починати лица откриена е варијантата Омикрон на Ковид-19.

Само вчера 18.000 луѓе во Северна Кореја имале симптоми на висока температура. Нема информација за тоа колку од нив се заразени со Ковид-19.

Во меѓувреме, во вестите на КЦНА се наведува дека севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун вчера го посетил центарот за итна превенција од епидемијата и добил информации од надлежните.

Се нагласува дека Ким ги критикувал надлежните затоа што не можат да ја спречат епидемијата.

Портпаролот на јужнокорејското Министерство за обединување, Бо Сеунг Чан, соопшти дека може да обезбедат медицинска поддршка за Северна Кореја доколку Владата на Пјонгјанг го побара тоа.

Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Цао Лициен, истакна дека се подготвени „целосно да го поддржат“ соседот и пријателската земја Северна Кореја против епидемијата.

Во Северна Кореја, каде што здравствениот систем не е многу добар и граѓаните не се вакцинирани против Ковид-19, може да настане хуманитарна криза.

Во земјата вчера беше откриен првиот случај на Ковид-19. Покрај тоа што информациите за бројот на случаи не беа споделени, истакнато е дека се работи за подваријантата на Омикрон позната како „БА.2“.

По откриените случаи во земјата беше прогласена вонредна состојба. Севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун повика да се спроведе полициски час во сите провинции и области во земјата, со цел да се спречи ширењето на епидемијата.

Северна Кореја ја отфрли понудата на милиони дози вакцина од Програмата за глобален пристап за вакцини против Ковид-19 (COVAX), која има за цел да обезбеди еднаков пристап до вакцините за земјите со низок и среден приход.

Северна Кореја тврдеше дека епидемијата на Ковид-19 не се проширила во земјата благодарение на преземените мерки. Исто така, се наведува дека затворените граници ѝ нанеле сериозен удар на економијата на земјата.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.