Sümeyye Dilara Dinçer
19 Мај 2021•Ажурирај: 20 Мај 2021
АНКАРА (АА) - Над 1,5 милијарди дози од вакцините против коронавирусот се администрирани во светот, а Турција, со повеќе од 26,65 милиони дози, во моментов е на 9-то место во светот, покажуваат податоците објавени од порталот „Our World in Data“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Кина со близу 421,99 милиони дози е држава во која се дадени најмногу дози на вакцините, а потоа следат Соединетите Американски Држави (САД) со повеќе од 273,55 милиони дози.
Во Индија дадени се вкупно 183,82 милиони дози од вакцините, во Велика Британија 56,99 милиони, во Бразил над 53,62 милиони. Германија досега искористи 40,8 милиони дози од вакцините против Ковид-19, Франција 29,15 милиони, а Италија 27,92 милиони.
Потоа следува Турција каде досега се дадени над 26,65 милиони дози вакцини, по која следат Русија, Мексико и Индонезија.
Државата со најмногу дози според бројот на жители е источноафриканската островска држава Сејшели, со 133,77 дози на 100 лица.
- Турција го зазема 9. место во светот -
Според податоците на Министерството за здравство, Турција има употребено над 26,65 милиони дози вакцини од почетокот на кампањата за имунизација во земјата на 14 јануари.
Над 15,29 милиони граѓани на Турција ја имаат примено првата доза, додека над 11,41 милиони луѓе се целосно вакцинирани.
Повеќето вакцини против Ковид-19 се даваат во две дози, така што бројот на вакцини не е еднаков со бројот на лица кои се целосно вакцинирани.
Од декември 2019 година, глобалната пандемија на коронавирусот однесе над 3,39 милиони животи во 192 држави и региони, а повеќе од 163,72 милиони случаи на вирусот се забележани низ светот, покажуваат податоците на американскиот Универзитет „Џонс Хопкинс“.
САД, Индија и Бразил и понатаму се најмногу погодени држави во светот според бројот на заразени.