Elena Teslova
28 Јуни 2021•Ажурирај: 29 Јуни 2021
МОСКВА (АА) - Мерките против коронавирусот во Русија не доведоа до посакуваните резултати, бидејќи бројот на новозаразени и понатаму расте, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според последните податоци објавени денес, 21.650 новозаразени се регистрирани во Русија во последните 24 часа, со што вкупниот број се зголеми на повеќе од 5,47 милиони, а бројот на активни случаи на 369.708, што е најмногу на дневно ниво од 20 јануари.
Пријавени се и уште 611 смртни случаи, што значи дека досега од последиците на Ковид-19 починаа 133.893 лица. Со 12.626 излекувани во последните 24 часа, вкупниот број се зголеми на 4,96 милиони.
Москва останува најпогодена со најголем број нови случаи - 7.246. Бројот на смртни случаи во Москва е исто така рекорден и изнесува 124 од вчера.
Градоначалникот Сергеј Собјанин ја обвинува делта-варијантата на коронавирусот за влошувањето на ситуацијата во престолнината на Русија.
Тој изјави дека Москва одамна би победила, да не дошло до ширењето на делта-варијантата, што за прв пат е откриена во Индија и за која е утврдено дека е позаразна, поагресивна и тешка за лекување.
Минатата недела официјалните претставници во неколку руски региони, вклучувајќи ја Москва и околната област, наредија задолжително вакцинирање за неколку категории од работната сила и изрекоа казни за непочитување на законот.
Додатните мерки во главниот град вклучуваат ограничувања за рестораните, забавните и спортските манифестации.
Во Русија повеќе од 11 отсто од популацијата досега се вакцинирани против коронавирусот, а власта се труди да ја забрза имунизацијата со помош на кампањата за подигање на свеста за важноста на вакцинацијата.