Dmitri Chirciu
10 Мај 2020•Ажурирај: 11 Мај 2020
МОСКВА (АА) – Во Русија, бројот на заразени со новиот вид коронавирус, Ковид-19, надмина 209.000, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Од рускиот Центар за контрола и превенција на Ковид-19 е соопштено дека во последните 24 часа во земјата се потврдени нови 11.012 случаи со Ковид-19, со што вкупната бројка е зголемена на 209.688.
Изминатата недела бројот на новорегистрирани случаи не се намали под 10.000. Во последните 24 часа од Ковид-19 починаа 88 лица, со што вкупната бројка се зголеми на 1.915. Од друга страна, се излекуваа 2.930 лица, со што вкупната бројка на излекувани пациенти се искачи на 34.306.
По САД, Шпанија, Италија и Велика Британија, Русија го задржа 5-то место во светот во однос на бројот на дијагностицирани случаи.
Во соопштението се наведува дека 42,4 отсто новозаразени не покажуваат симптоми, и дека просекот на растот на бројот на заразени изнесува 5,5 отсто.
Жариштето на Ковид-19 во Русија е главниот град Москва, каде што бројот на заразени се зголеми за 5.551 во последните 24 часа, со што вкупната бројка се искачи на 109.740.
Исто така во Москва, во последното деноноќие од Ковид-19 починаа 58 лица, со што вкупната бројка на починати се зголеми на 1.068.
Во соопштението се истакнува дека досега во Москва од коронавирусот оздравени се вкупно 13.790 лица.
Во соопштението од рускиот Центар за контрола и превенција на Ковид-19 се истакнува дека во последните 24 часа во земјата се направени 226.000 тестови за коронавирусот, со што вкупната бројка тестирања е зголемена на 5.400.000.
Во Русија првиот случај со Ковид-19 беше регистриран на 31 јануари кај двајца кинески државјани во регионите Тјумењ и Трансбајкал, јужно од Сибир.
Првиот смртен случај од Ковид-19 се случи на 19 март, кога почина 79-годишна жена во Москва.
Општина Москва донесе одлука да ги продолжи сите мерки преземени поради Ковид-19 до 31 мај.
Од друга страна, во Москва од 12 мај на индустриските и градежните претпријатија ќе им биде дозволено да започнат со работа.
Ковид-19 беше дијагностициран кај рускиот премиер Михаил Мишустин, министерот за градежништво Владимир Јакушев, министерката за култура Олга Љубимова и кај некои пратеници во рускиот Парламент.