Nuri Aydın,Fuat Kabakcı
09 Јуни 2020•Ажурирај: 09 Јуни 2020
АНКАРА (АА) – Во Кина, во изминатите 24 часа откриени се 3 нови случаи на новиот вид коронавирус, Ковид-19, додека во Јужна Кореја дијагностицирани се 35 нови случаи, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Кинеската Национална комисија за здравство соопшти дека во земјата во последните 24 часа се регистрирани 3 нови случаи на вирусот. Смртни случаи не се евидентирани.
Од Комисијата се истакнува дека два случаја со Ковид-19 се регистрирани во покраината Гуангдонг, а еден во Сичуан.
Во соопштението се нагласува дека вкупниот број на потврдени случаи во земјата е зголемен на 83.043, додека вкупниот број на смртни случаи изнесува 4.634.
Во Кина, каде што училиштата почнаа постепено со наставата, а економијата во голема мера почна да заживува, досега од Ковид-19 се излекуваа вкупно 78.341 лице.
- Во Јужна Кореја во последните 24 часа почина 1 лице -
Од Центарот за контрола и превенција на болести на Јужна Кореја соопштија дека во последните 24 часа се идентификувани 35 нови случаи на Ковид-19, а дека од коронавирусот почина едно лице.
Од Центарот е истакнато дека бројот на заразени со Ковид-19 во земјата е зголемен на 11.852, а од коронавирусот досега починаа 274 лица.
Во земјата Ковид-19 го победија 10.589 лица. Бројот на активни случаи со Ковид-19 изнесува 989.