Esra Tekin
08 Септември 2026•Ажурирано: 08 Септември 2026
Турција денес упати критики за организирањето погребна церемонија за Ратко Младиќ, познат како „Касапот на Босна“ поради неговата улога во геноцидот врз Бошњаците, нарекувајќи ја „неприфатлива“, јавува Анадолу.
„Неприфатливо е погребната церемонија на Ратко Младиќ, кој беше осуден од меѓународни судови со конечни пресуди за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства, да се користи на начин што претставува негирање на извршените тешки злосторства и претрпеното човечко страдање“, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи, Онџу Кечели.
„Отфрлањето на релевантните судски пресуди или обидот да се прикажат осудените сторители како херои ја продлабочува болката на жртвите и нивните семејства, а воедно ги поткопува долгогодишните напори за промовирање на мирот и помирувањето во регионот“, додаде Кечели.
Тој ја нагласи потребата Балканот да учи од минатото и да работи заедно за да изгради мирна, просперитетна и заедничка иднина, истовремено почитувајќи ги оние што ги загубија своите животи за време на војната во Босна и Херцеговина.
Тој потоа им оддаде почит на сите невини жртви на конфликтот, со посебен акцент на убиените во геноцидот во Сребреница, и изрази солидарност со нивните семејства.
Младиќ, поранешен командант на Армијата на босанските Срби, умре во Хаг на 27 август на 84-годишна возраст, додека отслужуваше доживотна казна затвор за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства.
Тој беше осуден за злосторства извршени за време на војната во БиХ од 1992 до 1995 година, вклучително и за геноцид за неговата улога во масакрот во Сребреница во 1995 година, во кој беа убиени повеќе од 8.000 бошњачки мажи и момчиња.
Српскиот претседател Александар Вучиќ понуди да го организира неговиот погреб во Србија.