Mustafa Melih Ahıshalı
19 Март 2020•Ажурирај: 20 Март 2020
ИСТАНБУЛ (АА) - Во Иран, на секои 10 минути, како последица на заразата со новиот тип коронавирус умира по едно лице, тврди Кијануш Џиханпур, портпаролот на иранското Министерство за здравство, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Во Иран, на секои 10 минути, поради коронавирусот умира по едно лице. На секој час од вирусот се заразуваат околу 50 лица“, напиша Џиханпур на социјалните мрежи и додаде дека граѓаните сериозно треба да ги сфатат овие податоци.
Џиханпур ги повика граѓаните за време на празникот Невруз да не патуваат ниту да одат во посети.
Истовремено, од последиците на заразата со новиот тип коронавирус, почина докторката Ширин Руханирад, од болницата во Техеран.
Иранската државна телевизија објави снимка на која се гледа како Руханирад прима терапија и дека и покрај тоа, работи.
„Персоналот работи интензивно. Не е одреден лекар да ме замени“, изјави Рухинард во последното интервју додавајќи дека морала да работи.
Во Иран, како последица на заразата со коронавирусот, кој во таа земја изби на 19 февруари, починаа десет лекари и четири медицински техничари.
Вирусот кој првобитно избувна во Кина, во иранскиот град Ком се појави на 19 февруари, а за многу кратко време се прошири на цела земја.
Според последните информации на Министерството за здравство на Иран, во земјата од последиците на заразата починаа 1.135 лица, а 17.361 лица се заразени.