свет, Коронавирус

Во Европа повторно расте бројот на заразени со коронавирусот

Многу европски земји, иако забележаа голем број заболени кон крајот на зимата и почетокот на пролетта, ги олабавија мерките поради високата стапка на вакцинирани и благите симптоми предизвикани од варијантата Омикрон

Ekipa  | 25.06.2022 - Обновена : 27.06.2022
Во Европа повторно расте бројот на заразени со коронавирусот

БЕРЛИН (АА) ‒ Бројот на заразени со коронавирусот повторно расте во европските земји, јавува Агенција Анадолија (АА).

Многу европски земји, иако забележаа голем број заболени кон крајот на зимата и почетокот на пролетта, ги олабавија мерките поради високата стапка на вакцинирани и благите симптоми предизвикани од варијантата Омикрон.

Сепак, во последните неколку недели, со ширењето на омикронските подваријанти БA.4 и БA.5, забележан е пораст на бројот на заразени во речиси сите земји.

Експертите во Германија предупредија на летен бран за време на пандемијата.

Податоците од Институтот „Роберт Кох“ покажуваат дека на 23 јуни се потврдени 119.360 нови случаи на заразување. Така, вкупниот број на заразени се искачи на 27.573.585, а бројот на починати на 140.560.

Во Германија на 2 јуни се регистрирани 48.502 случаи на заразување, на 9 јуни 77.636 и на 16 јуни, 89.142.

Со оглед на тоа дека се работи за случаи со благи симптоми, експертите во овој момент не препорачуваат преземање мерки.

‒ Белгија и Франција ‒

Националниот институт за здравје на Белгија соопшти дека неделните податоци покажуваат дека бројот на заразени лица на дневна основа е во просек за 46 отсто поголем, достигнувајќи 2.756.

За 24 отсто е зголемен и бројот на хоспитализирани, на 75 пациенти, додека бројот на починати е намален за 16 отсто, на 5 лица. Бројот на хоспитализирани на одделите за интензивна нега е намален за 6 проценти, на 58 пациенти.

Податоците од Францускиот институт за јавно здравје објавени на 23 јуни покажуваат дека заразување со коронавирусот е потврдено во 79.852 случаи во последните 24 часа, а бројот на починати се искачи на 149.268.

Со зголемувањето на бројот на заразени во последно време, сѐ почесто почнува да се зборува за повторно воведување на обврската за носење маски во јавниот превоз.

На 16 мај е укинато задолжителното носење маски во јавниот превоз.

‒ Холандија ‒

Во Холандија има зголемување на бројот на заразени од средината на јуни, а дневниот просек минатата недела беше за 36 отсто поголем од претходната недела, достигнувајќи 4.000.

Податоците од 21 јуни покажуваат дека дневно се евидентирале повеќе од 4.000 случаи на инфекција, а 600 пациенти биле задржани во болница.

Министерот за здравство, Ернст Куиперс, смета дека засега не се потребни нови мерки, но советува да се почитуваат основните правила за хигиена.

Во Холандија 83,2 отсто од возрасната популација била целосно вакцинирана, а 64,1 отсто ја примиле третата доза.

‒ Велика Британија ‒

Велика Британија ја одбележува 70-годишнината од стапувањето на тронот на кралицата Елизабета Втора од 2 до 5 јуни. Со оглед на тоа што на активностите по тој повод присуствуваа голем број граѓани, зголемен е бројот на заболени.

Податоците на Националното биро за статистика (ONS) покажуваат дека во неделата по прославите, бројот на заразени се зголемил за 14 отсто, а заразени се 1,4 милиони луѓе.

Бирото за статистика наведува дека брзото ширење на Ковид-19 е предизвикано од двете подваријанти БA.4 и БA.5.

Агенцијата за здравствена безбедност на Обединетото Кралство (UKHSA) смета дека овие варијанти се загрижувачки.

Експертите советуваат вакцинација за да се намали ризикот од сериозни болести.

‒ Јужниот дел на Европа ‒

Во последните две недели бројот на заразени е зголемен и во Шпанија, каде што е забележан најголем број хоспитализирани од февруари.

Во болниците има 7.793 лица, а на одделите за интензивна нега, 361.

Во последните седум дена се пријавени 50.235 случаи на заразени, особено кај населението на возраст над 60 години.

Во Шпанија од почетокот на пандемијата се регистрирани 12.613.634 случаи на заразување и 107.604 смртни случаи.

Во Италија во последните неколку недели расте бројот на заразени. Од 15 до 21 јуни во земјава се регистрирани 255.442 случаи на коронавирусот, што е за 58,0 отсто повеќе од претходната недела.

Од февруари 2020 година, во земјата се регистрирани 18.071.634 случаи, додека како последица на коронавирусот починале 167.967 лица.

Во Грција со доаѓањето на туристичката сезона се олабавени мерките и преземени се мерки за спречување на ширење на вирусот. Од јуни е укината мерката за носење маска, освен во јавниот превоз и болниците.

Зголемувањето на бројот на заразени се случи и по одбележувањето на државниот празник, а многу Грци искористија три дена за патување.

Во последните десет дена во Грција се заразени 72.563 лица, вкупно 3.573.052.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.