Emre Aytekin
30 Март 2020•Ажурирај: 30 Март 2020
АНКАРА (АА) - Во 20 од вкупно 31 покраина во рамки на континентална Кина, во последните четири недели не се откриени нови домашни случаи на новиот вид коронавирус (Ковид-19), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Оваа информација преку соопштение ја потврди Националната здравствена комисија на Кина.
Исто така, во соопштението се вели дека во шест покраини во последните две недели не се откриени нови случаи на Ковид-19 од домашно потекло.
Портпаролот на Комисијата, Ми Фенг, од локалните власти побара да продолжат со мерките за контролирање на пандемијата, со цел да се спречи можното појавување на нова пандемија на домашни случаи.
Во Кина во последните 24 часа откриени се 31 нов случај, од кои само еден случај откриен во покраината Гансу е од домашно потекло. Сите останати случаи се лица кои дошле од странство и вирусот го добиле оттаму.
Во земјата во последните 24 часа починаа 4 лица заразени со коронавирусот, додека 322 лица се излекувани и отпуштени од болница.
Од друга страна, од почетокот на појавувањето на оваа пандемија досега, во Кина беа откриени 81.470 случаи, починаа 3.364 лица, додека 75.770 пациенти се излекувани.