Ahmet Gürhan Kartal
04 Јануари 2021•Ажурирај: 05 Јануари 2021
ЛОНДОН (АА) - Велика Британија денес започна со имунизацијата против Ковид-19 со вакцината на Оксфорд/АстраЗенека, а прв што ја прими вакцината е 82-годишник со хронични заболувања, јавува Агенција Анадолија (АА).
На Брајан Пинкер, пациент на дијализа, му беше дадена првата доза од вакцината во болницата „Черчил“ во Хедингтон, Оксфорд, откако беше одобрена последниве недели.
Употребата на вакцината на Оксфорд дојде во момент кога Велика Британија доживува голем раст на заразените, со над 350.000 позитивни на коронавирусот за една недела.
„Јас сум многу среќен што денес ја примив вакцината против Ковид-19 и навистина сум горд што е откриена во Оксфорд“, рече Пинкер.
„Медицинските сестри, лекарите и персоналот денес беа одлични и сега навистина можам да се радувам на прославата на 48-годишнината од бракот со сопругата Ширли кон крајот на годината.“
Оксфордската вакцина е втора вакцина што се користи против коронавирусот во Велика Британија, по вакцината на Фајзер/БајоНТех.
Велика Британија порача 100 милиони дози од вакцината од домашно производство.
И покрај неодамнешниот почеток на вакцинацијата, позитивните случаи на Ковид-19 сега се во тренд на раст. Во Велика Британија се регистрирани 366.435 заразени, со над 50.000 заразени на дневно ниво, пет дена по ред.
Многу болници во Велика Британија сега згрижуваат повеќе пациенти со Ковид-19 во споредба со првиот бран, според локалните медиуми.
Пред одредени болници во Лондон има долги редици на амбулантни возила бидејќи слободни места во болниците речиси и да нема, а пациентите треба да чекаат до осум часа за да најдат кревет. И другите болници во земјата се преполни со пациенти поради големиот раст на заразени.
Над 5.000 војници од вооружените сили се распоредени како поддршка во борбата против Ковид-19 „во најголемата операција во земјата во мирнодопски услови“, се вели во владиното соопштение.
Со над 50.000 новозаразени на дневно ниво регистрирани во последните пет дена, вклучително и рекордни 57.700 заразени во саботата, здравствените власти велат дека се подготвуваат за „очекуван наплив на пациенти“, и дека им се потребни повеќе болнички легла.
Владата веќе ја објави својата одлука за затворање на сите средни училишта во Лондон, менувајќи ја својата претходна одлука. Сепак, основните училишта се отвораат во понеделник, и покрај повиците до Владата да не ги отвора.
Велика Британија е земја со најголем број починати од Ковид-19 во Европа, со над 75.000 починати, покажуваат најновите податоци на властите.