Şenhan Bolelli
05 Мај 2020•Ажурирај: 06 Мај 2020
МАДРИД (АА) – Во Шпанија, во последните 24 часа од новиот вид коронавирус, Ковид-19, починаа 185 лица, со што вкупната бројка на починати се зголеми на 25.613, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за здравство на Шпанија ги ажурираше податоците за Ковид-19 во земјата.
Бројот на починати од Ковид-19, кој во последните два дена изнесуваше 164, во последните 24 часа е зголемен и се искачи на 185.
Во Шпанија, во последните три дена бројот на починати е под 200 лица.
Вкупната бројка на починати во земјата од коронавирусот се искачи на 25.613.
Шпанското Министерство за здравство информираше дека според изработените ПСР-тестови, во последните 24 часа новиот тип коронавирус е детектиран кај 867 лица, со што вкупниот број на лица позитивни на тестот на Ковид-19 изнесува 219.329.
- 59 здравствени работници починаа од Ковид-19 -
Се истакнува дека бројот на заразени здравствени работници во земјата е 43.956, од нив починале 59, а на околу 10.000 им продолжува лекувањето.
Од друга страна, бројот на излекувани од Ковид-19 во земјата изнесува 123.486, со зголемување од 2.143 во последните 24 часа.
- „Се уште постои ризик од втор бран на епидемијата, иако е мал“ -
Фернандо Симон, кој се наоѓа на чело на Центарот за координација за итни здравствени услуги при шпанското Министерство за здравство, истакна дека не се сомнева во трендот на намалување на бројот на починати и бројот на новозаразените со коронавирусот.
„Бројот на пациенти кои се излекуваат секојдневно е поголем од бројот на новозаразените. Тоа ни дава храброст да го зголемиме нивото во процесот на нормализација. Но, мерките не треба да се занемаруваат. Сè уште постои ризик од втор бран на епидемијата, иако е мал“, рече Симон.
Гласањето во Парламентот за продолжување на вонредната состојба ќе се случи утре.
Владата нагласува дека нема да има потполна нормализација сè додека не се најде вакцина за Ковид-19. На 4 мај, Владата започна со постепена нормализација низ целата земја.