Servet Günerigök
16 Април 2020•Ажурирај: 16 Април 2020
ВАШИНГТОН
Бројот на починати лица во САД од Ковид-19 изнесува над 30.000, јавува Агенција Анадолија (АА).
Податоците од Универзитетот „Џонс Хопкинс“ покажуваат дека во САД од последиците на Ковид-19 има вкупно 30.844 смртни случаи и 638.111 случаи на заразување.
САД продолжуваат да водат во бројот на смртни случаи од вирусот во светот, по кои следуваат Италија со 21,645 и Шпанија со 18.812 смртни случаи.
Повеќе од 52.600 лица се излекувале од вирусот во САД.
Сојузната држава Њујорк е најмногу погодена од пандемијата со 14.064 смрнти случаи и повеќе од 214.698 случаи на заразување, по неа следува Њу Џерси со 3.156 смртни случаи и 71.030 случаи на заразување.
Бројот на нови смртни случаи е објавен неколку часа откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека неговата земја го надминала врвот на случаи со Ковид-19.
„Борбата продолжува, но последните податоци покажуваат дека САД го надминале врвот што се однесува на бројот на нови случаи. Очекуваме дека тоа ќе продолжи, но и ние ќе продолжиме да напредуваме“, изјави Трамп во Белата куќа.
Трамп исто така изјави дека денеска попладне ќе бидат објавени нови упатства за повторно отворање на земјата.
Вирусот Ковид-19 најпрвин се појави во Вухан, Кина, во декември 2019 година и досега се рашири во 200 земји низ светот, пренасочувајќи го епицентарот на вирусот кон Европа и САД.
Во светот се регистрирани над 2 милиони потврдени случаи на вирусот, а бројот на смртни случаи во светот е поголем од 137.000. Речиси 512.000 пациенти се излекувани.