свет, Коронавирус

Агенција Анадолија со персоналот на Итната помош во Мадрид, еден од најтешко погодените европски градови со Ковид-19

Екипата на АА помина 12 часа со персоналот на Брзата помош „Сума 112“ во Мадрид, при што имаше можност да посведочи на искуствата на медицинскиот персонал и неговата пожртвувана работа за време на пандемијата

Şenhan Bolelli  | 27.11.2020 - Обновена : 30.11.2020
Агенција Анадолија со персоналот на Итната помош во Мадрид, еден од најтешко погодените европски градови со Ковид-19 Фото: Burak Akbulut/AA

МАДРИД (АА) - ШЕНХАН БОЛЕЛИ -

Пандемијата на коронавирусот во значителна мера ги промени животите на луѓето низ светот, а особено ги смени животите на медицинските работници, кои се на првата линија во борбата против коронавирусот. Репортерите на Агенција Анадолија (АА) разговараа со персоналот на Брзата помош во Мадрид, главниот град на Шпанија, кој е еден од европските градови најтешко погодени од пандемијата.

Според податоците на Министерството за здравство на Шпанија, во Мадрид од почетокот на пандемијата регистрирани се вкупно 345.649 случаи на коронавирусот, меѓу кои и 11.349 смртни случаи, што го прави еден од најтешко погодените европски градови од пандемијата.

Екипата на АА помина 12 часа со персоналот на Брзата помош „Сума 112“ во Мадрид, при што имаше можност да посведочи на искуствата на медицинскиот персонал и неговата пожртвувана работа за време на пандемијата.

Оттаму наведуваат дека за време на првиот бран на пандемијата, од март до јуни, Координативниот центар за итни служби во Мадрид забележал дури 3.000 интервенции за 24 часа. Тоа секако се најтешките моменти за брзата помош, но денес, посочуваат, тие се многу поискусни и поподготвени во борбата против пандемијата.

Големиот број заразени и смртни случаи во Мадрид медицинските работници ги припишуваат на големиот број извршени тестови, како и на бројната популација од над 60 години возраст во Мадрид. Порачуваат дека за жал, за време на првиот бран на пандемијата, секое две од три починати лица умирале во домовите за стари лица.

Навид Бахзади, еден од лекарите во мадридската Брза помош, за АА изјави дека Ковид-19 го променил животот на здравствените работници, како и на сите останати.

„Со Ковид-19 сфативме дека и ние сме кревки и дека тоа е епидемија која ги погодува сите, не само неразвиените земји. Многупати мислевме дека ја пружаме најдобрата здравствена заштита во светот, но видовме дека треба да бидеме многу добро организирани за да се спротивставиме на епидемија од ова ниво. Сега сфативме дека вирусот го уништува не само здравствениот систем, туку и економијата и општествениот живот на цела држава. И здравствените работници и остатокот од општеството сега се повеќе свесни за овој проблем“, истакна Бехзади.

- Доктор Бехзади: „Поддршката на општеството е многу важна“ -

Бехзади, шпански државјанин со потекло од Иран, кој живее во Мадрид околу 30 години, рече дека во минатото посетувале курсеви за борба против епидемии како еболата и колерата, кои претежно се гледаат во африканските земји, но дека дури сега сфатил дека биле многу неподготвени кога директно се соочиле со оваа епидемија.

„Една од најлошите работи на оваа епидемија беше тоа што промената се случи многу брзо. Немавме доволно време за адаптација. Никој од нас не беше подготвен за оваа епидемија. Знаевме каква облека треба да носиме за време на епидемија, но не знаевме дека мора да се преслекуваме 9-10, па дури и 20 пати на ден. Сега се однесуваме како секој пациент кај кого одиме да има Ковид-19 и во повеќето случаи треба да се дезинфицираме или да се преслечеме на пат од пациент до пациент“, рече Бехзади.


Смета дека периодот на Ковид-19 е можност општеството да се преиспита во контекст на тоа кои се општествените вредности.

„Мислам дека луѓето сфатија колку е важно да се вложува во здравството, истражувањата, образованието. Со овие трагедии почнавме повеќе да размислуваме за своите приоритети“, наведе Бехзади.

И покрај сето она низ кое поминаа во последните девет месеци и фактот што пандемијата е сè уште присутна, Бехзади е оптимист.

„Јас сум оптимист. Со шпанскиот грип исто така било многу тешко време, но дошол и поминал. Кога ќе се соочите со такво нешто, тешко ви е, мислите дека никогаш нема да помине. Мислам дека од ова ќе излеземе уште посилни. А тоа ќе биде благодарение на истражувањето и вложувањето во здравството. Секоја земја дополнително ќе го зајакне својот здравствен систем со лекциите што ги научи од оваа епидемија“, рече Бехзади.

Односот на општеството кон медицинскиот персонал е исто така, нагласува тој, многу важен во овој период.

„Љубовта и пријателството што ни ги покажа шпанското општество, неговата помош да се чувствуваме како поединци кои се корисни за општеството е од големо значење. Иако ние никогаш не се замислувавме така, тие нѐ претставуваа како херои“, рече Бехзади.

- Медицинската сестра Олга: „Со Ковид-19 сè се смени“ -

Медицинската сестра Олга, дел од тимот на Брзата помош, вели дека особено за време на првиот бран на епидемијата работеле во многу тешки услови. Таа истакнува дека имало денови кога од страв не сакала да оди на работа.

„Со Ковид-19 сè се смени. Порано мислевме дека сме недопирливи и дека епидемија нема да се појави во развиена земја. Но сфативме дека сме кревки, како и сите останати. Нашиот систем на работа, опремата, расположението, животот и односот со пациентите, се сменија. Првиот бран нè изненади, но сега сме поискусни. Се трудиме да работиме најдобро“, истакна Олга.

Она што е најзначајно за медицинските работници во овој период беше поддршката од заедницата и односот на граѓаните.

„Тие нѐ гледаа како спасители. Особено во текот на првиот бран, секогаш кога излегувавме на улица граѓаните излегуваа на балконите и ни даваа поддршка. Со Ковид-19 се случи експлозија на љубовта и хуманоста кон нас. Оваа поддршка ни беше многу важна за да продолжиме на својот пат и да станеме поиздржливи“, рече Олга.

Потсети дека во септември почнал вториот бран од епидемијата, кој го пречекале како многу поискусни и поподготвени, но и дека и понатаму е присутен стравот.

„Речиси секој пациент кај кого одиме е потенцијален пациент со Ковид-19. Со сите преземени мерки на претпазливост, штом ќе се вратам дома, трчам во бањата, ги дезинфицирам садовите со храна што ги носам на работа, се плашам да ги прегрнам синот и сопругот, не излегувам на вечери, ниту се гледам со пријателите“, раскажува Олга.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.