Jeyhun Aliyev
27 Април 2020•Ажурирај: 28 Април 2020
АНКАРА
Шефот на Одделот за комуникации при турското Претседателство, Фахретин Алтун денес изјави дека одговорот на Турција кон епидемијата на Ковид-19 кој одзеде илјадници животи ширум светот, претставува пример за другите, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Одговорот на Турција кон кризата предизвикана од пандемијата на Ковид-19 едноставно е за пример. Зошто? Нашиот претседател, Реџеп Таип Ердоган ѝ даде упатства на Влада дека треба на најхуманитарен начин да реагира. без оглед на трошоците. Нашите граѓани и сите оние низ светот на кои им е потребна помош може да сметаат на Турција“, напиша Алтун на социјалната мрежа Твитер.
Турција до сега достави хуманитарна помош во најмалку 57 земји за да им помогне во нивната борба против пандемијата на Ковид-19.
Алтун нагласи дека Турција продолжува да им помага на земјите со што ги обезбедува со значајни медицински материјали.
„Како што ги вративме дома нашите граѓани од многу земји, така оставивме зад себе потребни материјали колку што бевме во можност. Ние не се грижиме само за нашите граѓани туку за сите оние кои се погодени од оваа ситуација во светот“, изјави тој.
Турската влада уште од почетокот на пандемијата врати околу 60.000 нејзини државјани од странски држави.
Алтун истакна дека неговата земја исто така вратила околу 25.000 турски државјани кои сакале да бидат во нивната татковина за време на муслиманскиот месец на постот, Рамазан, кој започна на 24 април во Турција.
„Нивната доверба во нашиот здравствен систем претставува гордост за нас. Претседателот Ердоган со години се заложуваше за континуирани инвестиции во нашата здравствена нега“, изјави Алтун.
Тој исто така рече дека под раководство на претседателот на земјата, никој од турските граѓани нема да биде „напуштен“ каде и да се наоѓаат низ светот.
„Последен пример на ова беше случајот со Г-дин Емрулах Ѓулуксен. Бевме во можност да го вратиме назад со медицински авион, по апелот упатен од неговите ќерки на социјалните мрежи“, изјави Алтун.
Турција ги евакуираше своите граѓани од Шведска кои се заразиле со Ковид-19, а на кои не им беше пружена нега.
Ѓулуксен во шведскиот град Малме бил позитивен на тестот на Ковид-19, но од страна на таошните власти било одбиено да му се укаже лекување. Неговите ќерки Лејла и Самира на социјалните медиуми објавија фотографии, барајќи помош. Турскиот министер за здравство, Фахретин Коџа презеде брза акција и го донесе семејството во Турција.
Турскиот амбулантен авион го напушти аеродромот во Малме во 09.00 часот по локално време и го врати семејството од Шведска, кое пристигна на аеродромот во Анкара, Есенбога во 13.30 часот по локално време. По рутинските здравствени прегледи, пациентот и неговите три деца се однесени во болницата Шехир во Анкара.
Алтун исто така го пофали падот на бројот на заразени лица со коронавирус во земјата, бидејќи Турција вчера забележа најмал број на нови детектирани случаи во изминатите 20 дена, при што позитивни на тестот на Ковид-19 беа 2.357 лица.
„Добивме неколку извонредни вести за неколку дена во светиот месец Рамазан. Денес видовме најмал број на нови заразувања во последните 20 дена. Рамазан веќе започна да нè благословува!“.
Во меѓувреме, бројот на смртни случаи од Ковид-19 во Турција изнесува 2.805, а вкупно 29.140 пациенти се пуштени од болниците откако се излекувале.