Mehmet Kumcağız
04 Март 2019•Ажурирај: 07 Март 2019
САМСУН (АА) - Бекташ Мурат Јалчин, лекар и професор на Медицинскиот факултет при Универзитетот „19 мај“ во Самсун, од мала возраст изработува макети, јавува Anadolu Agency (AA).
Медицина и историја се двете области за кои Јалчин уште од детството покажал интерес. Љубовта кон медицината направила тој да стане лекар, а својата љубов кон историјата ја покажал преку изработка на макети на борбени авиони, кои ги одбележија војните во минатиот век, пишува Anadolu Agency (AA).

Со изработка на различни макети започнал да се занимава на шестгодишна возраст, а истакнува дека во тоа време, поедноставните макети ги изработувал од амбалажа на паста за заби. Со тек на времето, ја усовршил својата вештина и почнал да изработува макети на борбени авиони од пластика.
Иако изработените макети се претежно поврзани со војните, воени возила, автомобили, камиони, бродови, носачи на авиони, во неговата збирка на макети сепак преовладуваат авиони. За четири децении Јалчин изработил повеќе од 700 макети, кои денес се изложени во неговиот дом и канцеларијата на факултетот.
Во разговор со новинарот на АА, Јалчин потврди дека зад повеќе од 700 макети кои досега ги изработил, всушност, се крие неговата љубов кон историјата.
Тој истакна дека отсекогаш ја сакал историјата и читал книти на таа тематика.
Јалчин нагласи дека читајќи историја, секогаш го интересирало кој вид на борбени авиони биле користени во тој период и решил подобро да ги запознае, изработувајќи нивни макети.
Колку што му дозволуваат работата и обврските на факултетот, Јалчин слободното време го користи за изработка на макети.

„Само во мојата канцеларија на факултетот има повеќе од 500 макети. Тоа го работам последните 40 години, секогаш кога ќе најдам слободно време. Посакувам еден ден моите макети да бидат изложени во некој музеј, за да можат да ги видат што повеќе луѓе“, истакна Јалчин.
На прашањето колку е тешко изработувањето на макети, Јалчин одговори дека тоа е работа која бара трпение и длабока концентрација.
„Добро се чувствувам додека изработувам макети. Изработување нешто од самиот почеток, а тоа нешто е дел од една историја. Во зависност од моделот на авионот, изработката на макетата може да трае од една недела до една година. Она што е секако е важно дека ве опушта и делува како антистрес-терапија“, зборуваше Јалчин.
Имајќи предвид дека е доктор, Јалчин додаде дека и на сите свои пациенти им нагласува дека е многу важно за здравјето да се има одредено хоби, посебно кога станува збор за лица кои сакаат да престанат со пушење цигари.