Stipe Mayiç
06 Јули 2016•Ажурирај: 07 Јули 2016
ЗАГРЕБ (АА) - Тунелот Грич во Загреб, кој е изграден за време на Втората светска војна и поминува под Грич (стариот дел на градот), низ центарот на Загреб, денес е официјално отворен по уредувањето, кое се очекува да го претвори во туристичка сензација, јавува Anadolu Agency (AA).
Едниот влез на тунелот се наоѓа на Штросмаеровото шеталиште, а другиот крај на тунелот завршува во Радичева улица. Тој е долг 350, а широк околу три метри, со исклучок на централното проширување каде што тунелот е многу повисок и поширок.

Тунелот е завршен во 1943 година за време на тогашната Независна Хрватска Држава (НДХ), како засолниште, а се користел и подоцна за време на Југославија. Со децении беше затворен за јавноста, но повторно беше отворен за време на Татковинската војна кога повторно се користеше како засолниште.
Тунелот има четири странични излези, од кои само три се отворени, а четвртиот ќе биде пуштен во функција наскоро, рече градоначалникот на Загреб, Милан Бандиќ, кој утрово се прошета низ тунелот.
На страничните излези сега се уредени два санитарни јазли, во тунелот е поставена нова електрична инсталација и разглас со музика, а поставен е и нов бетонски под.
Со цел да се спречи влажнењето на ѕидовите, инженерите спроведоа инјектирање на ѕидовите од тунелот, на коишто се зачувани натписите и предупредувањата од времето кога тунелот се користел како засолниште.

Работите за чистење и уредување се вршени во изминатите два месеци, а градот Загреб сето ова го чинеше 1,8 милиони евра.
Најавено е дека до завршувањето на поситните градежни работи треба да се почека уште десетина дена, кога Грич ќе биде пуштен во функција за туристички посети, изложби и слични активности.