Abdullah Aşıran
03 Јуни 2019•Ажурирај: 04 Јуни 2019
РОТЕРДАМ (АА) - АБДУЛАХ АШИРАН -
Ард Шутен, кој работи како новинар во Холандија, за прв пат постеше за време на Рамазан, иако не е муслиман, пишува Anadolu Agency (AA).
Холанѓанецот Ард Шутен, кој работи како новинар во водечкиот весник во земјата „Алхемен Дахблад Утрехт“ („Algemeen Dagblad Utrecht“), постеше во текот на месецот Рамазан за да ја почувствува состојбата на луѓето што постат и за да го доживее тоа.
Шутен во разговорот за АА истакна дека кај него желбата за постење во текот на Рамазан се развила пред две години, кога како спортски известувач на фудбалскиот клуб „Фејенорд“, на фудбалерот со мароканско потекло, Јасин Ејуб, му поставил прашање во врска со постот.
„Го прашав Јасин Ејуб: Како можеш да играш фудбал и да бидеш успешен кога постиш? Тој ми одговори: 'За да го разбереш тоа треба сам да го почувствуваш'. Оваа година се потсетив на тој одговор и решив дека е вистинско време за да се доживее тоа искуство. По нападот во Утрехт во март, мислам дека луѓето треба да бидат обединувачи. Наместо предрасудите, луѓето треба да се заедно“, истакна Шутен.
Тој, нагласувајќи дека немал проблеми при постењето, рече дека сега го разбира фудбалерот подобро.
„Само еден ден сред денот ми беше многу тешко и сакав да прекинам. Мојот спортски тренер и мојата сопруга ме убедија дека не треба да го прекинам постот, бидејќи потоа многу ќе жалам за тоа. И според мене, беа во право“, рече Шутен.
Шутен, истакнувајќи дека за него постот е убава можност да се запознае со друга религија, додаде:
„За време на Рамазан по покана одев на ифтар кај некои семејства, а неколку пати присуствував и на ифтар организиран од џамиите. Другите денови за ифтар бев дома. За мене најтешко беше суфур да јадам сам. Ноќе се чувствував осамен. Иако постев, седев на маса заедно со моето семејство кога тие вечераа, бидејќи мислев дека е значајно да се биде заедно со семејството“.
Шутен рече дека блиските го подржувале за време на постот.
„Добро ја разбраа мојата намера зошто го правам тоа. На почетокот, имаше многу реакции на социјалните медиуми, особено од антиисламистите. Ме нарекоа предавник. На почетокот тоа многу влијаеше на мене, но го издржав, затоа што знаев која ми е намерата и зошто го правам тоа. Сметам дека луѓето не треба да имаат предрасуди еден кон друг, за што било“.
Тој, истакнувајќи дека сака да го почувствува и Рамазан бајрам, рече дека очекува покана од некое семејство, затоа што знае дека Бајрам се слави меѓу семејството.
Нагласувајќи дека се стекнал со поинакво искуство, Шутен рече дека сè уште не знае дали ќе пости следниот Рамазан, а за тоа е љубопитна и неговата околина.