Sanja Janackovic
01 Јуни 2019•Ажурирај: 02 Јуни 2019
НИШ (АА) - Цртачот на графити, Миња Јандриќ (25), со тој вид улична уметност се занимава веќе 11 години. Ова момче, родено со скратени подлактици, телесниот недостаток не го спречи потписот „Nox“ да го стави на ѕидовите на Северна Македонија,Турција, Грција, Германија, Холандија. Во родниот град Ниш прошара повеќе од стотина фасади.
Во разговор за Anadolu Agency (AA) раскажа дека уште како ученик во основно училиште сакал да црта карикатури и да испишува букви во различни форми, но само на хартија. Откако открил дека ѕидовите на отворено нудат многу поголеми можности да се искаже уметнички, им се посветил на графитите.

„Почнав кога најдобриот пријател ме повика да цртаме. Искрено, воопшто не знаев за што станува збор, што е тоа, што се графити. Тука ги открив буквите, односно калиграфијата и типографијата и тоа почна да ме интересира“, вели Миња.
Неговиот талент на тој начин е ставен на директен увид на јавноста. Запишал графички дизајн во средно уметничко училиште, а потоа факултет за уметност. За најголемо признание на својот труд ја смета поканата за учество на Светскиот фестивал на графити „Step in the arena“ во холандскиот град Ајнтховен две години по ред. Вели дека за него била голема честа да работи со најголемите „фаци“ на графити.
„Најбитно е да изградиш свој стил. Во почетокот немаш стил и тогаш гледаш од другите цртачи додека не се пронајдеш во тоа што го работиш. Тогаш ти оди подобро и подобро, го градиш своето име и луѓето го препознаваат тоа што го работиш, ако добро го работиш“, рече „Nox“.
Патот на препознатливоста на сцената на графити главно не е брз, а ниту евтин. „Додека не научиш да црташ, треба да потрошиш многу пари. Спрејовите што ги користиме чинат повеќе од 400 динари парче, а треба барем 10 до 20 спрејови за да изработиш нешто убаво. Тоа се 50 до 100 евра од ѕид“, објаснува Миња.
Се случувало толку пари на Миња и на неговите родители да им дадат станарите за да ги исцрта ѕидовите од нивниот станбен објект. Повици пристигнуваат и од директори на училишта, сопственици на кафулиња, други локали, но и за исцртување на ѕидови во детски соби.
„Мене ме воодушеви тоа што повозрасните луѓе поубаво реагираат на графитите отколку младите. Секогаш ќе дојдат, ни даваат кафе, сок... Им се допаѓа на луѓето“, вели ова талентирано момче.

Втора стаст на Миња е спортот. Порано тренирал пинг-понг, а од пред две години теквондо. И тука почнале да се редат успеси - сребро на Европското првенство во паратеквондо во Пловдив, Бугарија, минатата година, а потоа бронзен медал на Светското првенство во Анталија во Турција пред 4 месеци.
„Се надевам на уште подобри успеси, но полека, дел по дел“, зборуваше Миња, признавајќи дека цел му е исполнување на нормата за параолимписките игри во Токио.
Пред да стане успешен во цртањето и спортот, Миња вели дека морал да ја прифати својата различност, а во тоа успеал уште во своето детство.
„Тој некој деформитет, ако така го наречеме... На почетокот од основното училиште бев малку депримиран, размислував како и што ќе работам. Децата ме задеваа. Потоа, по две-три години се навикнав на сите тие шеги и почнав самиот себеси да си се смеам. И тогаш сосема нормално го прифаќаш тоа“, се сеќава Миња.
Иако тој бил само дете, размислувал како возрасен.
„Не можам да променам ништо. Подобро да работам и да создавам, отколку да се затворам во четири ѕида. Животот е премногу убав за да се заробам, со тоа ништо не се постигнува. Мораш да прифатиш сѐ како понекогаш и задача, бидејќи Господ за сѐ има план“, вели Миња.
А неговиот план е да патува, црта, тренира, запознава луѓе и работи на усовршување на својот стил секој ден.
