Abdullah Aşıran
23 Декември 2019•Ажурирај: 26 Декември 2019
РОТЕРДАМ (АА) - АБДУЛА АШИРАН - Фризерот Сердар Тетик живее во Холандија, а фризерските услуги ги обезбедува за клиенти низ цела Европа и тоа во уникатен мобилен фризерски салон што го опремил во минибус.
Откако девет години води фризерски салон во Ротердам, 28-годишниот Тетик, со потекло од Турција, одлучи кариерата да ја продолжи и како сопственик на подвижен салон што го опремил во родната Турција.
Единствениот салон на тркала нуди максимален комфор за фризерските услуги, како и услугите за бричење, а клиентите во салонот можат да се опуштат со музика, телевизија и со видеоигри.
Тетик во разговорот за Агенција Анадолија (АА) истакна дека е задоволен со вниманието што го има привлечено по само два месеца работа со подвижниот салон.
Тетик прима нарачки од цела Европа, и најчесто тоа се деловни луѓе.
„Сакав да направам и да понудам нешто ново и нешто посебно. Идејата за салон во минибус се роди пред четири години, а возилото го опремив во Турција. Првобитно, целта ми беше дневно да имам три или четири клиента во просек, но сега имам над 20 клиенти на ден“, вели Тетик.

Услугата потстрижување во салонот на Тетик во Ротердам чини 12,5 евра, а за истата услуга во подвижниот салон во минибусот чини 50 евра.
Истакнувајќи дека бричењето и потстрижувањето е посебен ритуал на одмор кој секогаш започнува со турско кафе, Тетик вели дека веќе има клиенти во Белгија, Германија, Австрија и во други европски земји.
„Има луѓе кои сакаат да бидат сами во салонот и во мир да се бричат и потстрижуваат. Некои дури сакаат да ги одвеземе на посебни локалитети со прекрасен поглед, за потстрижување“, рече Тетик.
Еден од клиентите на салонот на Тетик во Ротердам е Емре Гунгор, кој е локален стопанственик, кој сака фризерскиот салон да му доаѓа дома и да не мора денот да го троши на одење во салони во кои има метеж.
„Задоволни сме со услугата на Сердар, а посебно затоа што не губиме време и можеме да се одмориме за време на потстрижувањето“, вели Гунгор.