Vedran Bošnjak
04 Март 2020•Ажурирај: 05 Март 2020
СРЕБРЕНИК (AA) - По четиримесечното престојување во Соединетите Американски Држави (САД), Фата Орловиќ се врати во Босна и Херцеговина, поточно во Сребреник каде што уште неколку дена ќе помине кај нејзината ќерка. За в недела планира заминување во Коњевиќ Поле каде што, како што вели, треба да започне подготовки за пролетната сеидба.
За време на нејзиното враќање од САД почнаа работите за отстранување на нелегално изградената православна црква во нејзиниот двор. По дводецениската исцрпувачка правна борба и пресуда на Европскиот суд за човекови права од 1 октомври 2019 година, Фата конечно може да здивне и да каже дека била истрајна во своите намери.
„Истрајав во борбата и секому би му рекла, секој кој може да го врати своето што му е одземено, нека го врати. Ако не му треба, нека го продаде. Зошто ти да го продаваш моето?“, рече во разговор за Агенција Анадолија (АА) Фата Орловиќ.
Во изминатите 20 години преживеала напади, закани, обвинувања... Но, никогаш не кажала дека православната црква ѝ пречи.
„Никогаш, ниту денес не ми пречи. Само ми пречи во мојот двор. Се борев и добив. Не беше лесно да се служат и слушаат 20 луѓе. Знаете, како беше порано, свекрви, јатрви, золви... Сето тоа го знаете, а мојот Шаќир беше во војска две години. Јас тоа го заслужив. Моето дете живееше и умре, јас се борев за мојот живот. Треба да се заслужи тоа. Мислам дека на вистинскиот Србин, кој знае што е Бог, што е негово, што знае што е негово, што знае за своите деца, не треба да му биде криво. Треба да ми се поклони, да се врати и да каже ’Фата, згрешивме‘“, истакна Орловиќ.
Досега нејзините синови говореле дека во Коњевиќ Поле не можат да се вратат поради црквата. Фата Орловиќ вели дека таа своето го завршила и дека ѝ е драго што никој од нив повеќе нема да може да рече дека не сака.
„Сега синовите не можат да кажат ’Не сакаме, мајко, има црква во дворот.‘ Сега не можат да речат дека не можат да се вратат. Порано велеа дека не можат затоа што нема вода. Знаете, како и другите деца. Немам ова, немам она... Се обезбедив сега. Велат ’Не сакаме, има црква.‘ Сега е сѐ завршено. Драго ми е што не можат да кажат дека не сакаат. Мајка им исполни сѐ. Ова не го давам поради мојот Шаќир“, говореше Орловиќ.
Во текот на четиримесечниот престој во САД вели дека ѝ било преубаво. Нејзиното семејство ја дочекало како никогаш порано. Сите плачеле кога заминувала дома.
„Добро, но јас ја сакам мојата земја. Децата нека одат каде што сакаат, нека прават што сакаат, јас не сакам. Ги заколнав да дојдат барем кога ќе бидат во пензија“, раскажа Орловиќ.
Јас ги однесов нивните документи и им реков ’Еве ги вашите документи [за имотот], што сакате правете, нека биде ваше и ги заколнав да не смеат да го продадат. Тие седуммина нека продаваат меѓу себе, но не смеат на други да продаваат“, рече Орловиќ.
Таа наскоро повторно ќе биде во своето Коњевиќ Поле. Вели дека има обврски, а сака и кафе да пие на нејзиниот балкон.
„В недела ќе седам во мојот двор и ќе го гледам патот кој го немам видено 20 години. Треба да дојдете на кафе, да ме посетите. Ме посетувавте кога ми беше тешко, дојдете сега кога ми е полесно“, нагласи Фата Орловиќ.