Handan Kazancı
29 Март 2021•Ажурирај: 30 Март 2021
МУГЛА (АА) - Oвчар од западна Турција користи дрон како помошно средство при пасењето на неговите 600 овци и кози, јавува Агенција Анадолија (АА).
Џемил Чобан е невообичаен овчар од Бодрум, западната турска област Мугла, бидејќи секое утро го носи својот дрон додека ги пасе своите кози во руралното подрачје.
41-годишниот овчар го користи дронот за да го контролира своето стадо кози кога тие ќе се растурат низ поширок простор.
Чобан за АА изјави дека ја сака својата работа и дека никогаш не бил оддалечен од животните во текот на целиот негов живот.
Нагласувајќи дека овчарството за него е занимање на предците, Чобан рече дека секој ден поминува километри со своите животни.
„Ми беше многу тешко да патувам на толкави далечини секој ден. Двогледот на почетокот многу ми помогна. Потоа купив крос-кантри мотор“, рече тој.
„Сега користам дрон на местата каде што не можам да стигнам веднаш со мотор“, додаде тој.
Тој објасни дека моторот и дронот му се многу корисни при пасењето на животните и пронаоѓањето на оние кои ќе заталкаат подалеку од стадото.
„Многу ми е тешко да надгледувам 600 овци и кози. Понекогаш можам за една минута да стигнам до одредено место со дронот до кое со пешачење би ми бил потребен еден час да стигнам“, изјави тој.
Чобан рече дека неговите пријатели го нарекувале „технолошки овчар“ бидејќи користи технологија во својата работа.
„Многу е убаво да се има корист од можностите што ги нуди технологијата. Го купив дронот преку интернет и исто така преку интернет научив како да го користам“, додаде тој.
Нагласувајќи дека го наоѓа својот мир додека се грижи за животните, Чобан рече дека се обидува да ги воспитува своите деца да ги сакаат животните.