САРАЕВО (АА) - ЛЕЈЛА БИОГРАДЛИЈА - Масакрите извршени врз араканските муслимани (Рохинџа) во Мјанмар, како и присилните миграции, потсетуваат на геноцидот што во 1995 година се случи во Сребреница, Босна и Херцеговина, како и на бегството на овие луѓе преку шумскиот пат, кој тие го нарекуваа „патот на смртта“, пишува Anadolu Agency (AA).
Фотографиите од араканските муслимани направени при нивното бегство од нападите на будистичките националисти исто така потсетуваат на фотографиите и видео-снимките од Бошњаците на шумскиот пат, фотографирани и снимени откако српските сили под команда на Ратко Младиќ ја презедоа Сребреница во 1995 година.
Мухамед Омеровиќ, кој за време на војната 1992-1995 година во Босна имал 18 години, истакна дека во тој период учествувал во војската за да го заштити својот народ и територијата, и додаде дека за време на геноцидот во јули 1995 година се наоѓал во Сребреница.
Омеровиќ раскажа дека откако паднал градот, една недела пешачел по шумскиот пат, наречен „пат на смртта“.
„Од таа колона, од која беше речиси невозможно да се излезе жив, сепак, даде Бог некои од нас, околу две или три илјади да ја преживееме таа тортура, веројатно за да останеме живи сведоци за начинот на убивањето на нашите сонародници во тој геноцид, кој подоцна и официјално беше прогласен за геноцид на територијата на Босна и Херцеговина“, рече Омеровиќ.
Живиот сведок на патот на смртта, Омеровиќ, нагласи дека денес араканските муслимани доживуваат болка слична на онаа што тој ја почувствувал во душата и телото во тој период.
Тој истакна дека она што се случува во Мјанмар е посурово и од случувањата во Сребреница: „Ги гледам фотографиите, убивани се деца, се вршат различни тортури над луѓето“.
- Благодарност за турскиот претседател Ердоган -
Исто така, Омеровиќ нагласи дека мирно се набљудува масакрирањето на муслиманите во Мјанмар, и дека е срамно за човештвото тоа што се прави со араканските муслимани.
Омеровиќ упати апел да се стави крај на суровите напади над араканските муслимани. „На местото на убиените деца, замислете ги вашите деца и на тој начин преземете акција. И тие деца се создадени од Бога и имаат право да живеат. Да ставиме крај на човечката погибија. Светот повторно молчи како тогаш во Сребреница. Му благодарам на претседателот Реџеп Таип Ердоган за она што прави за светскиот мир, и за неговиот став. Секогаш сум со него“.
Опишувајќи го како „неверојатен“ ставот на Европа и на САД, кои остануваат неми набљудувачи на случувањата со араканските муслимани, Омеровиќ истакна дека светот не прави разлика меѓу доброто и лошото, и оти постепено ја губи контролата.
Омеровиќ истакна дека нема некоја држава на која арканските муслимани ќе се потпрат. „Барем ние имавме една надеж, светлина на крајот од тунелот, како и територијален интегритет кој беше заштитуван од страна на нашата војска. Но не е иста состојбата со араканските муслимани. Тие се обидуваат да стигнат во Бангладеш. Овие луѓе немаат своја земја, држава каде што можат да одат, и на која можат да ѝ веруваат“, вели Омеровиќ.
- Ветеранот од Сребреница со апел за помош -
Од друга страна, Идриз Смајиќ, кој имал 17 години кога започнала војната во Босна, пренесе дека учествувал во војската за да ја заштити својата земја. „Српските сили сакаа да ги уништат Бошњаците. Во Сребреница се случија многу чудни работи. Беа убиени цивили во регионот кој беше под заштита на ОН“, нагласи Смајиќ.
Тој раскажува дека за време на одбраната на Сребреница бил ранет и во ногата, која ја загубил. „Слично нешто на она што денес го доживуваат араканските муслимани се случи во Сребреница пред 22 години. Луѓето се обидуваа да бегаат носејќи ги своите работи на рамења, но беа убивани, заробени од страна на Србите“, додаде тој.
Смајиќ истакна дека араканските муслимани се соочуваат со поголема суровост од она што се случи во Сребреница, и дека се солидаризира со нив, ја споделува нивната болка.
Тој вели дека не може да верува оти повеќето од светските лидери остануваат рамнодушни за смртта на недолжните деца. „Како ли не можат да се замислат себеси на нивно место, дури и за една минута? Како тие можат да преживеат во ваква состојба?“ додава Смајиќ.
Како што рече Смајиќ, тој е подготвен да направи сѐ за да понуди помош, со цел да ја разбуди свеста кај луѓето дури и за една секунда. Тој вели дека, без оглед на религијата, јазикот или расата, секој треба да понуди помош за араканските муслимани кои се убивани недолжни, само поради тоа што живеат во еден регион, иако не нанесуваат штета никому.
Смајиќ пренесе дека араканските муслимани немаат своја земја каде што можат да одат. „Каде да одат тие луѓе? Од кого да бараат помош? Во текот на војната ние имавме војска, но араканските муслимани немаат. Нема никој што ќе ги заштитува нивните права“, додаде Смајиќ.