Şerife Çetin
19 Јуни 2020•Ажурирај: 21 Јуни 2020
БРИСЕЛ
Министерот за индустрија и технологија на Турција, Мустафа Варанк, изрази задоволство и гордост поради фактот што Турција во екот на пандемијата на Ковид-19 во Бразил извезува респиратори кои се развиени и произведени исклучиво од турски ресурси, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот Варанк на социјалната мрежа Твитер ја сподели видеопораката на гувернерот на Сао Паоло, Жоао Дориа, од распоредувањето на турските респиратори на јавните болници во тој бразилски регион.
„Дали и вам ви претставува гордост да видите етикета „Made in TURKIYE“, во болница оддалечена 11.000 километри, и како официјален претставник на странска држава промовира наши производи“, напиша турскиот министер Варанк со назнака дека станува збор за респиратори кои се производ на турската национална технологија.
Гувернерот на Сао Паоло, Дориа, соопшти дека во болниците во тој бразилски регион поделени се 2.077 респиратори од Турција, со што двојно е зголемен капацитетот на собите во одделенијата за интензивна нега во регионот.
„На овој начин ниту еден пациент заразен со Ковид-19 нема да остане без лекарски третман“, порача Дориа, гувернер на регионот кој е епицентар на пандемијата во Бразил.
Во Бразил, од почетокот на пандемијата, со коронавирусот се заразени 978.142 лица, а од последици на заразеност со Ковид-19 животот го загубија 47.748 заразени.
Новиот тип коронавирус кон крајот на минатата година се појави во кинескиот град Вухан, а Светската здравствена организација (WHO) на 11 март годинава прогласи глобална пандемија на Ковид-19.