живот

Сиријка живее во камп во Идлиб во кал и на ладно: Загубила 13 членови на семејството

„Плачев цело време додека одев ваму. Го имаме само она што го понесовме со себе. Секоја ноќ се молам за нас. Од моето семејство загинаа 13 лица. Загинаа двајца мои синови, сестра и нејзините деца“, раскажа Ум

Adham Kako, Eşref Musa, Mehmet Burak Karacaoğlu  | 18.01.2020 - Обновена : 20.01.2020
Сиријка живее во камп во Идлиб во кал и на ладно: Загубила 13 членови на семејството ( Foto: Muhammed Abdullah/ Anadolu Agency )

ИДЛИБ (AA) - Адхам Како -

Сириската мајка Ум Мустафа во нападите на режимот на Башар ал Асад и сојузниците загуби 13 членови на семејството.

И додека болката сè уште не стивнува, Ум се бори за опстанок во една од шаторските населби на подрачјето на сириски Идлиб, кој е прогласен за зона за деескалација. Таа ги поминува студените зимски денови во импровизираниот шатор, во осаменост и кал. Сонува дека еден ден повторно ќе спие во топол кревет.

Областа Идлиб, сместена на северозападот на Сирија, од почетокот на војната, речиси во целост е под контрола на опозицијата и антирежимските групи. Центарот на Идлиб, чија популација со доаѓањето на интерно раселените е зголемена на речиси четири милиони, од 2015 година е под контрола на опозицијата. Идлиб истовремено е една од зоните кои најчесто се цел на режимските напади.

Нападите што режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад и Русија ги започнаа во ноември минатата година, предизвикаа миграции на неколку илјади луѓе.

Голем број од нив, во потрага по посигурна средина, поставуваат шатори во близина на селата со надеж дека ќе можат да ја искористат предноста на патната инфраструктура, пивката вода и хуманитарната помош.

Оние што не пронаоѓаат место во кампот, шаторите ги поставуваат недалеку од кампот, а често во еден шатор престојуваат неколку семејства. Луѓето од Идлиб најмногу мигрираат кон камповите во Ках и Атме, недалеку од границата со Турција, формирани пред речиси четири години.

Една од шаторските населби е на подрачјето на Марбун, на северот на Идлиб. Таму се сместени 65 семејства. Повеќето шатори немаат печки и се наоѓаат во кал. Раселените лица сонуваат да се вратат во своите домови.

И Ум Мустафа поради постојаното бомбардирање на Синџар во Идлиб мораше да го напушти својот дом.

„Синџар го напуштивме за време на бомбардирање. Нападите во исто време ги изведуваа 5-6 авиони. И луѓето што го напуштаа тоа место беа цел на воздушни напади. Дојдовме тука. Видете како ни е. Тука немаме ништо. Не ни доаѓа помош“, раскажа Ум за АА.

Како што рече, шаторите се наоѓаат во кал и вода, а во секој се наоѓаат по две семејства.

„Со оглед дека немаме нафта за огрев, гориме сè што ќе најдеме. Во печката уфрламе сè што може да гори. Тука ноќите се многу студени. Неподносливо студено е во шаторите. Се надевам дека еден ден ќе спиеме на некое топло место“, изјави Ум.

Додека раскажува, оваа сириска мајка плаче.

„Од куќата избегавме, а ништо не зедовме со себе. Плачев цело време додека одев ваму. Го имаме само она што го понесовме со себе. Секоја ноќ се молам за нас. Од моето семејство загинаа 13 лица. Загинаа двајца мои синови, сестра и нејзините деца“, раскажа Ум.

Порача дека звукот на авионите потсетува на загубените деца, куќата и болката.

На преговорите во рамките на процесот од Астана одржан со присуство на делегациите на Турција, Русија и Иран, на 4 и 5 мај 2017 година, договорени се четири зони за деескалација на судирите: Идлиб и одредени подрачја во соседните провинции (Латакија, Хама и Алепо), северот на Хомс, Источна Гута во Дамаск и подрачјата на југот на земјата (Дера и Кунеитра).

Меѓутоа, режимските сили и терористите што ги поддржува Иран, со воздушна поддршка на Русија, со кршење на договорите за примирје ги зазедоа подрачјата во овие четири зони, со исклучок на Идлиб. Стотици илјади цивили избегаа кон подрачјата недалеку од границата со Турција.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın